Со спектакуларен концерт на хрватската панк-рок атракција „Хладно пиво“, црногорската музичка легенда Rambo Amadeus & Broken Beat Sextet и домашниот состав Фолтин на Ракометното игралиште во Битола е затворено единаесеттото издание на Интернационалниот фестивал „Битола Отворен Град 2012“ во организација на Младинскиот културен центар-Битола.
Под отворено небо на ракометното игралиште се собра над три илјадна публика која цела вечер уживаше во изведбите на настапувачите. Покрај големиот број посетители од земјата, и оваа година големиот музички хепенинг го посетија фанови на Хладно Пиво и Рамбо Амадеус од соседните земји.
“Хладно Пиво”, кои важат за еден од најпопуларните хравтски бендови, одржа ексклузивен и премиерен концерт за битолчани. Бендот за прв пат доаѓа во градот на конзулите како дел од нивната голема летна турнеја. Концертот во Битола покажа дека и на овие простори фановите ги слушаат песните на “Хладно Пиво”, посебно од нивниот последен албум „Свијет гламура“.
Спектакуларен беше и настапот на Рамбо Амадеус кој во свој стил комуницираше со публиката на само за него специфичен начин.
Битола отворен град е дел од програмата на БИТ ФЕСТ 2012.