Во Индустриската зона Жабени интензивно се врши асфалтирање на паркинг просторот кај фабриката на интернационалниот бренд во автомобилската индустрија Кромберг и Шуберт, како и на улицата покрај фабриката. На овој начин, општина Битола продолжува со реализација на договорените обврски со инвеститорите:
„Се работи за асфалтирање на влезот во Жабени, првата улица до првата изградена фабрика, како и паркинг просторот. Се што се однесува на јавните површини во овој дел се обезбедува преку финансиските средства на општината, а она што е предвидено во проектите го обезбедуваат инвеститорите. Ова беше зацртано и се завршува навреме. Се работи за паркинг простор околу 5000 м² и улица во должина од 700 метри. Како што гледате Кромберг и Шуберт веќе го активира и своето сменско работење и овој дел им беше многу потребен, токму затоа го обезбедуваме и паркинг просторот, а после ова следува и хортикултурно уредување на просторот. Овој проект претставува голем подвиг за општина Битола и целиот регион, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Во Индустриската зона Жабени во моментот во фабриката на Кромберг и Шуберт веќе се вработени 836 граѓани, а во декември се очекува да бидат вработени уште 200 граѓани со што ќе биде надмината предвидената бројка на вработувања до крајот на 2013 година. Во 2014 година во Кромберг и Шуберт предвидено е да се вработат уште 1000 граѓани, а во 2015 уште 500. Доколку динамиката се одвива според досегашните проекции во следната фаза се очекува изградба на уште една хала во фабриката и вработување на уште 1500 граѓани во Кромберг и Шуберт.
Во зоната продадени се 48 парцели на 28 инвеститори, а издадени се 6 одобренија за градба.