На 11 локации во Општина Битола, значително ќе се подобри спортската инфраструктура и условите за спортски активности.
Врз основа на изготвените проектни програми, во тек е изготвување на проектна документација за изведба на тартан патека во централното училиште „Тодор Ангелевски“, како и реконструкција на спортскoто игралиште на објектот на неговото подрачно училиште во Горно Оризари и игралиштата во Стрелиште.
По примерот на веќе рекунструираното спортско игралиште во ОУ „Елпида Караманди“, ќе се реконструираат и спортските игралишта на основните училишта „Даме Груев“, „Ѓорги Сугарев“, „Трифун Пановски“, „Свети Климент Охридски“, „Гоце Делчев“, а комплетно ново осветлување ќе добие и игралиштето на подрачното училиште „Коле Канински“ во Буковски ливади.
Општина Битола, во тек е на изготвување и на проектни програми кои треба да ги усвои општинскиот Совет, за изградба на спортските сали во основното училиште „Стив Наумов“ и подрачното училиште на ОУ „Даме Груев“, во Долно Оризари.
Со реализацијата на планираните проекти, во 2025 година, Општина Битола, планира комплетна промена на условите за спортување на учениците, а со тоа и поттикнување на спортскиот и натпреварувачкиот дух кај младите.