ОТВОРЕНО ЕДИНАЕСТТОТО МЕЃУНАРОДНО ГРАФИЧКО ТРИЕНАЛЕ БИТОЛА 2024 ГОДИНА

ОТВОРЕНО ЕДИНАЕСТТОТО МЕЃУНАРОДНО ГРАФИЧКО ТРИЕНАЛЕ БИТОЛА 2024 ГОДИНА

Во Офицерскиот дом во Битола, синоќа беше отворено 11 то издание на Меѓународното графичко триенале – Битола 2024. Во свечена атмосфера пред присутните гости, по повод доделувањето на „Гранд При“ наградата на аргентинскиот графички уметник Леонардо Готлиб чија изложба беше дел од отворањето, како и наградата за посебен придонес кон светската графичка уметност на Аргентина, свое обраќање имаа градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, како и Неговата Екселенција, Амбасадорот на Аргентина, Алехандро Мајер, како и уметничкиот директор на Графичкото Триенале, ликовниот критичар Владо Ѓоревски.

Меѓународното графичко триенале Битола е забележана како една од најзначајните ликовно – графички манифестации во Македонија, но и пошироко, која има за цел да го популаризира и промовира современото графичко ликовно творештво.

Градоначалникот Тони Коњановски во своето обраќање истакна дека во Битола се одржува уште еден значаен културен настан кој придонесува за промоција на Битола во светски рамки.

„Тоа го потврдуваат и бројките кои говорат за значајноста на ова 11 то Меѓународното графичко триенале на кое имаме околу 800 учесници од 145 држави, а од денес до крајот на февруари ова културно творештво ќе допре до најоддалечните точки, имајќи предвид и дека светскиот графички центар „Интерграфика“ од Полска, нашето Графичко триенале го вбројува меѓу десетте најзначајни манифестации во светски рамки.

Поврзувањето и соработката кои се остваруваат на овој начин, претставуваат одлична можност и да се откријат технолошки иновации во дигиталниот пристап на создавање и техничка примена, а истовремено да се почувствува инвентивноста, современоста и инспиративноста на развојот на дизајнот и визуелната култура.

Секоја уметност има свои специфики и значајни карактеристики, а ликовната уметност и творештвото создаваат посебен импулс кој ги рефлектира општествените вредности, верувањата и историските контексти, служејќи како огледало на културата во која е создадена.

Моќта пак на графичката уметност лежи во нејзината способност да комуницира, инспирира и предизвикува мисла, што ја прави витален дел од современата култура и општество.

Честитки до организаторот за оваа прекрасна манифестација, честитки до еден од најголемите ликовни творци во светот Леонардо Готлиб и голема благодарност до Аргентина за придонесот во развојот на светската графичка уметност.

Посакувам успешно издание на Меѓународното графичко триенале“, истакна градоначалникот Коњановски во своето обраќање пред присутните гости.

Изложбата може да се посети следните денови во Свечената сала на Офицерскиот дом во Битола.