РЕКОНСТРУИРАН ПРВИОТ ДЕЛ ОД УЛИЦАТА „БУРСА“

РЕКОНСТРУИРАН ПРВИОТ ДЕЛ ОД УЛИЦАТА „БУРСА“

Секретарот на општина Битола Борче Димитровски, заедно со претставници на општинската администрација, денес извршија увид во завршните активности од реализацијата на првиот дел од оваа важна сообраќајница, која поминува низ некогашната индустриска зона на Битола и претставува значајно сообраќајно поврзување со соседна Грција.

Реализацијата на овој проект произлезе од разговорите со претставниците на Стопанската комора, кои посочија дека токму во овој дел од градот функционираат околу 80 деловни субјекти, за кои што брзото и непречено одвивање на сообраќајот е многу значајно за нивните секојдневни работни активности. Првата етапа е во должина од околу 1,3 км, додека целосната реконструкција на улицата ќе се одвива во должина од 2,4 км.

Реконструкцијата на улицата „Бурса“ или позната и како „Индустриска“, во вредност од 37.560.000 денари, се реализира со средствата од Светска банка во рамките на проектот за поврзување на локални патишта. Овој проект е еден од големите инфраструктурни проекти, со кои како локална самоуправа ги подобруваме условите во урбаниот и руралниот дел на општината, а во конкретниот случај, се посветува посебно внимание на барањата на бизнис секторот.