На Техничкиот факултет во присуство на повеќе гости, денес се одржа првиот академски час за новата генерација студенти во академската 2024/2025 година.
На посебната свеченост присуствуваа, ректорот на Универзитетот „Свети Климент Охридски“, Проф д-р Игор Неделковски, заменик министерот за финансии, Николче Јанкуловски, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, деканот на техничкиот факултет Проф.д-р. Митко Костов, голем број професори, како и бруцошите кои од денес го започнуваат студирањето на овој факултет.
Во своето обраќање, градоначалникот Коњановски им посака успешна академска година на сите студенти на Универзитетот „Свети Климент Охридски“, нагласувајќи дека за новите студенти започнува еден нов многу важен период на стекнување на знаења и вештини, важни за секоја личност поединечно, но и за заедницата во целина.
„Драги студенти, образованието со кое ќе се стекнете ќе ја дефинира вашата академска кариера, но и пријателствата што ќе ги изградите ќе бидат многу значајна алка во Вашето понатамошно делување како млади луѓе, носители на промени, иноватори, визионери, лидери.
Соработката на општината со универзитетот, исто така е еден добар и значаен пример, кој може да Ви потврди дека во Вашите студии имате целосна подршка од локалната самоуправа, која во последните три години е насочена и кон поддршка во практичната работа на студентите преку нашиот заеднички проект „Универзитетска летна пракса“. Но, освен практичното стручно усовршување, тука сме да дадеме поттик и за спортскиот напредок на студентите на УКЛО.
Со заедничка соработка, остануваме на патот на реализацијата на визијата да создадеме напредок за нашата Битола, во која токму Вие студентите од битолскиот универзитет, ќе ја градите вашата кариера со стекнатиот професионализам“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, нагласувајќи дека верува во способноста на идните академски граѓани кои очекува успешно да го поминат ова ново патување, на кое што ќе ги водат докажани ментори, професори кои секогаш ќе бидат покрај своите студенти да ги насочат и поттикнат.