Наградата „Златна камера 300“ на 45 издание на ИФФК „Браќа Манаки“ ја доби кинематограферката Џудит Кауфман за филмот „Наставничка канцеларија“.
„Сребрена камера 300“ беше доделена на Ранабир Дас за филмот „Сè што замислуваме како светлина“, за кој жирито рече дека станува збор за мошне иновативна и интересна презентација на кинематографијата, а со „Бронзена камера 300“ е награден Расмус Видебек за данскиот „Ветената земја“.
Посебно признание во главната селекција синоќа му беше доделено на Пабло Лозано за филмот „Хроники на една скитничка светица“. Наградата му ја врачи министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
Жирито на официјалната програма го сочинуваа: Џон Сил, претседател, Ањес Годар, Џевахир Шахин, Биргит Гудјонсдотир и Владимир Блажевски.
Наградата „Мала камера 300“ за најдобар краток филм ја доби Хелсио Алемао за „Амарела“. За наградата одлучи жирито во состав. Ненси Шрајбер, претседателка на жирито, Уна Менгес и Ѓорѓи Клинчаров.
Истото жири одлучи и за студентските филмови и за најдобра ја прогласи работата на Марго Бесон во филмот „Ананси“. Посебно признание доби Кинан Масарани за „Добро момче“ во кој според нив „фотографијата комбинира техничка извонредност и сочувствителна камера што директно ја воведе публиката во филмот“.
Наградата „Железна камера 300“ за најдобар документарец ја доби Хатем Нечи за „Најголемата лага“. Жирито беше во состав: Куршат Уресин, претседател, Јани Петери Паси и Нурија Ролдос.
Во рамките на Европската Ло-Кап програма наградата ја доби Витаутас Каткус за филмот „Токсичен“, кој во голема мера го импресионираше жирито.
Оваа година беа доделени и неколку нови награди. Една од нив е „Награда на Јадранската публика“. „Браќа Манаки“ стана член на Јадранската група фестивали заедно со оние во Сараево, Загреб, Љубљана, Тирана и Фестивалот на авторски филм во Белград. Гласањето на нашиот фестивал е завршено и кога ќе се соберат гласовите од сите фестивали ќе биде доделена наградата.
Дејвид Смит и Алис Брукс се добитници на наградата за креативна синергија, додека награда за „Пионер во професијата“ ù беше врачена на Ненси Шрајбер, американска кинематограферка, авторка на бројни филмови, музички видеа, неверојатна раскажувачка и четврта жена која во историјата на Американското кинематограферско здружение станала негов член.
Присутните на крајот ги поздрави градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
– Битола е горда на успешноста и уникатноста на уште едно фестивалско издание кое создаде трајни спомени кои значат почит на креативноста, но и силна културно-туристичка промоција и атракција за нашиот град, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, заблагодарувајќи им се на сите учесници на Фестивалот „Браќа Манаки“.
Во чест на сите наградени на свеченото затворање следуваше проекцијата на македонскиот филм „Убиј ги прво децата“ на Димитар Оровчанец.