Со Свечена академија во Културниот и информативен центар, синоќа започна одбележувањето на 80 годишнината од успешната воспитно – образовна приказна на ОУ „Коле Канински“. Директорката на училиштето, Дијана Толевска Христовска, нагласи дека најголема гордост за училиштето се големите успеси на учениците низ годините, кои секогаш се мотив и инспирација за поголеми постигнувања на новите генерации.
„Нашето училиште не е само зграда, туку жива заедница која расте, и се развива благодарение на трудот и посветноста на сите нас. Со гордост можеме да кажеме дека нашето училиште има долга и богата историја, исполнета со многу успеси и достигнувања. Во овие години нашето училиште се соочуваше со многу предизвици, но секогаш ги надминуваваме и од тоа излегувавме посилни и помотивирани кон нашите цели“, рече директорката Дијана Толевска Христовска во своето обраќање.
На Свечената академија, присуствуваше и синот на Коле Канински, Стево Канински со своето семејство, кој посакувајќи понатамошен напредок, изрази благодарност и гордост што училиштето ги негува спомените за неговиот татко.
Во своето обраќање пред присутните, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, нагласи дека, квалитетното образование е најважниот процес во развојот на децата, кои мора да бидат доволно мотивирани, да останат да живеат и работат во својот град.
„Имаме прекрасен град и кога сите би ставиле по едно камче на тој мозаик би биле среќни во овој град. Благодарам и чест ми е што денес сум со вас, што славиме за едно успешно училиште со одлично ново спортско игралиште и убаво е кога сите правиме добро за нашите деца, за заедничката иднина“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски во своето обраќање.
Во знак на благодарност за континуираната поддршка и успешната соработка со локалната самоуправа, училиштето му ја подари на градоначалникот, првонаградената слика на конкурсот „Под ѕвездите ги чуваме спомените“. По повод јубилејот, им беа доделени благодарници и на најуспешните и наградувани ученици, наставници, донатори и родители кои помагаат во училиштето.