Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес го посети СОУ „Таки Даскало“, каде со поддршка од Општина Битола реализирани се крупни инфраструктурни проекти, кои придонесоа за осовременување и унапредување на условите за учење и работа, како и подигнување на квалитетот на воспитно-образовниот процес. Во училиштето, реализирани се проекти во вкупна вредност од околу 5 милиони денари, а директорот Ристо Грујовски, информираше за досегашните активности:
„Реконструиран е подот во сите училници и кабинети во двете училишни згради, извршено е комплетно обновување на паркетот во вкупна површина од 2722 м2, а дотраениот паркет заменет е во вкупна површина од 136 м2. Вкупната вредност на проектот изнесува 2.394.380 денари.
Извршена е комплетна санација на внатрешните скали во Блок Б во вкупна вредност од 496.500 денари.
Во тек е реконструкција на училишниот двор со бекатон плочки во делот на паркинг-просторот за вработените во вкупна површина од 418 м2 и поставување на електронска рампа, во вредност од 330.000 денари“, рече директорот Грујовски.
Во училиштето, набавен е и нов училишен мебел, училишни табли и столчиња во вредност од 300.000 денари, а набавена е и нова компјутерска и друга ИКТ опрема за сите училници, телевизори и нагледни средства за сите струки и гимназијата во вредност од 500.000 денари, како и машини и друга опрема во вредност од 300.000 денари.
Претходно, во ова училиште беа реконструирани двете спортски сали, соблекувалните, тоалетите и кабинетите за професорите по спорт, се уредија спортските терени, терени за футсал, кошаркарското, одбојкарско игралиште, осветлени со рефлектори, училишниот двор е поплочен и уреден со нова урбана опрема и хортикултурно уредување.
Градоначалникот Коњановски нагласи дека, Општина Битола, продолжува да биде поддршка за училиштата во кои се реализираат инвестиции со цел создавање подобри услови за учениците и вработените.