Во Битола беше промовирана туристичкатата патека Стара Чаршија, во рамки на проектот Знаење, заштита и вреднување на старите урбани јадра во Македонија и Албанија, во присуство на франзускиот амбасадор Сирил Бомгартнер, градоначалникот Тони Коњановски, почесниот француски конзул Калиопа Кривашија Стилиновиќ, учесниците експерти во проектот, како и наставниците и учениците од ОУ Даме Груев, дел од проектот „Чувари и промотори на чаршијата“.
Францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер го истакна задоволството од реализираниот проект.
„Во Битола целта е постигната бидејќи се поставени голем број на паноа на три јазици македонски, англиски и француски. Забележувам дека ги дава потребните резултати и сите работиме на една тема која ни е при срце, а тоа е зачувувањето на културното наследство“, рече Бомгартнер.
Таблите се изработени со графика и имаат QR код кој туристите ги поврзува со станица каде можат да се најдат повеќе податоци за објектите и локациите. Градоначалникот Тони Коњановски рече дека со овој проект се истакнуваат од незаборав големиот број значајни културно-историски објекти во чаршијата, а преку информативните табли, туристите, но и локалните жители, ќе можат повеќе да се информираат за Безистенот, реката Драгор, Старата Чаршија, Ликовната колонија Монмартр, Занаети, Чешми, Гостилници, Џамијата Хаџи Махмуд Беј, Зелениот пазар и Амам Дебој.
„За нас како општина, особено е значајно стекнатото искуство преку вмрежувањето на експерти и примери од француските градови за начинот на кој таму e третирано и се обележува културното наследство, а со нивна поддршка, сега истото се применува и кај нас.
Особено сакам да го потенцирам задоволството од соработката со Француската амбасада и со почесниот конзул, со чија поддршка во Битола веќе се реализирани два проекти од слична област, а со овој трет проект, се потврдуваат партнерските односи и продлабочувањето на заедничките релации.
Битола е град кој дише со историја, култура и традиција на секој чекор, особено во централното градско подрачје, каде што секој споменик, секоја куќа, секој сокак, секоја калдрма, во себе носи своја приказна. Колку повеќе приказни обелодениме, ги извадиме на површина и ги раскажеме, толку повеќе туристите, посетителите, но и ние самите, ќе знаеме за сопствената историја, култура, традиција, обичаи и наследство.
Денес, сите заедно, ќе започнеме да раскажуваме една нова приказна, за Старата битолска чаршија. Ќе ја прошетаме туристичката тура, ќе ги обиколиме објектите, таблите, ќе прочитаме повеќе и верувам дека иако секој од нас ги знае објектите, преку поставените информативни табли ќе научи нешто повеќе за назначените локации.
Преку овој проект, но и слични на него, ќе им оставиме видлива историја на младите, кои денес се исто така тука со нас, да знаат во каков град живеат, да ја сакаат неговата историја, да ја чуваат и негуваат“, рече Коњановски.
Општина Битола во партнерство со Асоцијацијата места и градови со исклучителни вредности во Франција “Sites & Cites”, Асоцијацијата на архитекти на Македонија, професионалци и експерти за културно наследство и урбанизам од земјите учеснички, како и експертите за културно наследство и туризам од Битола, ЗЕЛС и други партнери, го реализира овој проект.