Домот за стари лица „Сју Рајдер“ во Битола, постојано работи во насока на подобрување на условите за престој на старите лица, кои што се сместени во оваа општинска јавна установа.
Градоначалникиот на општина Битола Тони Коњановски, го посети Домот „Сју Рајдер“ и беше запознат со тековните активности кои што се преземени во изминатиот период. По 9 години од последното бојадисување на двата павилјони, управната зграда и помошните простории, комплетно е извршено ново бојадисување во вредност од околу 690.000 денари.
Особено голем интерес кај граѓаните предизвика новата услуга „Привремено и интервентно сместување на стари изнемоштени лица“, за која комплетно е опремен просторот, истакна директорката на Домот за стари лица „Сју Рајдер“, Марина Крстиќ.
Набавени се и нови професионални индустриски машини за миење садови, за обработка на овошје и зеленчук и за одржување на облека и друг текстил, како и нови 150 комплет постелнини за потребите на сите корисници.
Грижата за возрасната популација, која од различни причини е оставена сама на себе, мора да биде наш приоритет, истакна при посетата градоначалникот Коњановски. Тој поразговара со голем дел од лицата кои се сместени во домот, а тие со посебно задоволство сакаа да му раскажат за нивното секојдневие на првиот човек на градот и да ја споделат нивната визија и размислувања за тоа како тие гледаат на битолската иднина.