Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, го посети средното општинско техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“, каде беше запознат со новите активности и тековните реконструкции во училиштето.
На средбата со в.д. директорката д-р Жанета Сервини и дел од раководството на училиштето, градоначалникот беше информиран дека оваа година покрај постојните две, за прв пат во државата беа формирани уште три дуални паралелки со зголемен фонд на практична настава од насоката Компјутерска техника и автоматика во соработка со повеќе компјутерски компании. Интересот кај учениците за нив беше огромен. Исто така во тек се активности за формирање и на друга, шеста дуална паралелка од машинската струка со зголемен фонд на часови по практична настава.
Со финансиска поддршка од општина Битола, во изминатиот период се подобрија условите за реализација на практичните вежби и практичната настава во работилницата, се реконструираа и реновираа простории, ходници, тоалети во работилницата, заменети се повеќе врати во работилниците, поставено е комплетно лед осветлување во нив, се реновираа ходниците на приземјето и првиот кат, се обезбедија клупи во ходниците за учениците, неколку врати, а се реновираа и простории, кои ќе се користат за наставни и воннаставни активности.
Градоначалникот Тони Коњановски истакна дека е посебно важно учениците, покрај образованието, да се стекнуваат и со вештини од практичната настава за што техничкото училиште е соодветен пример, а општината и натаму продолжува со максимална поддршка во процесот на изведување на квалитетна настава во образовните институции.