Со бетонирањето на темелите, продолжува реконструкцијата на планинарскиот дом Копанки, култното место на Пелистер за голем број генерации битолчани.Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски денес изврши увид во почетните градежни зафати и беше запознат со активностите кои што следат и динамиката на изведба во наредниот период.
„Присуствуваме на реконструкцијата на објектот на планинарскиот дом Копанки, со мене е дел од раководната структура на Планинарскиот спортски клуб Пелистер и дел од административните работници – инженери, со кои вршиме увид во теренските активности.
Да напоменам дека до сега се изврши рушење на старата конструкција, се изврши ископ за поставување на темелите, армирање на бетонски столбови и денес веќе почнуваме бетонирање, со поставување на првата бетонска површина. Се надевам дека за неколку денови оваа подна плоча, првата фаза ќе биде завршена и доколку временските услови тоа го овозможат, до крајот на годината ќе бидеме сведоци на поставување на објектот до фаза на карабина.
Ова е место за кое сите битолчани сме длабоко врзани, емотивно и сите љубители на планината очекуваат овој објект да се заврши. Се надевам и дека временските услови како што реков ќе ни одат во прилог и заедно ќе бидеме сведоци на оформувањето на овој објект“, рече градоначалникот Коњановски.
По 10 години од опожарувањето на објектот, беше потпишан договор помеѓу општина Битола и ПСК ПЕЛИСТЕР, по што се изработи проект за реконструкција на планинарскиот дом Копанки.
Општина Битола минатата година во буџетот за реконструкција на планинарскиот дом издвои 3.8 милиони денари, а додека во буџетот од 2023 година за реконструкција на планинарскиот дом Копанки беа предвидени 2 милиони денари, по што градоначалникот Тони Коњановски предложи зголемување со дополнителни 1 милион денари, што се очекува да биде усвоено со новиот ребаланс.