РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ВЛЕЗОВИТЕ ОД ПРИЛЕП И ОХРИД И РЕАЛИЗАЦИЈА НА ПОВЕЌЕ КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ, СЕ ПЛАНИРА СО НОВИОТ ПРЕДЛОГ РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ НА ОПШТИНА БИТОЛА

РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ВЛЕЗОВИТЕ ОД ПРИЛЕП И ОХРИД И РЕАЛИЗАЦИЈА НА ПОВЕЌЕ КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ, СЕ ПЛАНИРА СО НОВИОТ ПРЕДЛОГ РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ НА ОПШТИНА БИТОЛА

ИНТЕГРАЛЕН ТЕКСТ ОД ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈАТА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТОНИ КОЊАНОВСКИ

Почитувани,

Реконструкција на влезовите од Прилеп и Охрид, реконструкција и изградба на над 15 улици, поддршка за женскиот спорт и други капитални проекти, вклучувајќи ги и тековните, се дел од новиот предлог ребаланс на буџетот, кој го изготви Општина Битола, а јас како предлагач, го доставив на разгледување од страна на советниците.

Како и минатиот пат, пред седницата, така и сега, од моја страна испочитуван е законскиот рок и советниците имаат можност во следните 20 дена да го разгледаат предлог ребалансот, да дадат свои предлози или сугестии, со цел на крај да биде усвоен законски ребаланс кој одговара на реалните состојби, можности и потребите на битолчани.

Во овој предлог ребаланс на буџетот, се обидовме да ги вклопиме најголемиот број од предлог амандманите, дадени на последната седница, но структурирани во соодветна форма, која е во согласност со законот и нема да го попречи вчитувањето од страна на Министерството за финансии.

Предлог ребалансот на буџетот, ја задржува основната форма на претходниот предлог и истиот е надополнет и со други капитални проекти, за кои имаме изготвена проектна документација и се дел од развојната програма и Програмата за уредување на градежно земјиште, додека за дел од проектите преку Програмата за економски развој се планира изработка или доизработка на проектна документација.

Тука, поконкретно сакам да истакнам дека, со овој предлог ребаланс кој треба да го усвојат советниците, планираните проекти меѓудругото се надополнуваат со:

  • Изградба на влезот во Битола од страната на Охрид и дополнување на проектот за реконструкција на улица Довлеџик со кружен тек
  • Реконструкција на влезот од Прилеп и реконструкција на улицата Владимир Назор
  • Изградба на нова улица кај Дулие (каде што ќе се гради новиот маркет ЛИДЛ)
  • Реконструкција на улица Булевар 1 мај (јужна страна од Црн мост до Бранко Радичевиќ)
  • Доизградба на улицата СРУ 5, од која неодамна завршивме еден дел во должина од 180 метри, како и улицата СТУ 3
  • Реконструкција на коловоз на улиците: Даме Груев, 7 ма бригада, Димитар Тодоровски, дел од улица Индустриска, дел од улица Никола Тесла, од улица Влатко Миленковски до Булевар 1 ви Мај, Гаврило Принцип, Леринска, улицa Буковски мост.

Исто така, ќе бидат обезбедени и финансиски средства и ќе се изготви проектна документација за реконструкција на јужната трибина на Стадионот Петар Милошевски, како и за изградба на спортски игралишта во ОУ Елпида Караманди.

Со овој предлог ребаланс, како што напоменав се предвидува и поддршка од 1.000.000 денари за женските спортски клубови, а остануваат и моите претходно дадени предлози, за поддршка на спортот, лицата со ретки болести, апликантите на повикот за клима уреди, активностите на ПСК Пелистер за реконструкција на Копанки и сите други проекти, кои се важни за Битола, а произлегуваат од потребите на битолчани.

Покрај што службено ќе ги известам и јавно сакам да ги повикам, координаторите на советничките групи, на координативен состанок, кој ќе се одржи неколку дена пред одржувањето на седницата на Советот.

Целта на ваквиот состанок е заеднички да разговараме за предлог ребалансот на буџетот и доколку има и други предлози, кои се во интерес на нашите граѓани и ќе бидат дадени согласно закон, да може да бидат вклопени во новиот предлог ребаланс на буџетот.

Верувам дека, мојот предлог ќе биде прифатен и сите заедно ќе покажеме конструктивност и рационалност за Битола, наместо преку политичко надмудрување, да губиме време низ правните процедури на штета на сите нас, на нашите сограѓани и напредокот на градот.