Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, делегација од Советот на општина Битола, предводена од претседателката Габриела Илиевска, претставници на Сојузот на борци и политичките партии ВМРО ДПМНЕ, СДСМ, ПОДЕМ и Левица, по повод големиот државен празник Илинден, оддавајќи им почит на жртвите за денешната слобода, положија свежо цвеќе кај споменикот на двата Илиндена пред Центарот за култура и Споменикот на илинденците во Храмот „Света Недела“.
Градоначалникот Тони Коњановски упати честитка до граѓаните по повод Илинден, посакувајќи низ идеалите на нашите Илинденци, преку истакнување на човечките вредности да ги надминеме предизвиците на денешнината и да продолжиме да создаваме подобра иднина и сигурност за нашите поколенија.
„Денешниот празник Илинден, како еден од најголемите празници на нашата, македонска историја и денес не потсетува, не опоменува и ни порачува дека, единствениот напредок и успех е возможно да се постигне, само преку заедништво, сплотеност и истрајност во борбата за Македонија. После 120 години од почетокот на Илинденското востание и формирањето на Крушевската република, после 79 години од Првото заседание на АСНОМ и поставувањето на темелите на независна и слободна Република Македонија, поклонувајќи се пред спомен обележјата, оддаваме почит на сите наши револуционери, херои, кои храбро се бореа за постигнување на целта на сите Македонци, за државотворноста и зачувувањето на националниот идентитет, јазик, култура и традиција.
Со голема почит кон нивното дело и положените животи, наша обврска е низ идеалите на нашите Илинденци, преку истакнување на човечките вредности, меѓусебна почит, разбирање и толеранција, да ги надминеме предизвиците на денешнината и да продолжиме да создаваме подобра иднина и сигурност за нашите поколенија.
Нека ни е честит Илинден! Нека ни е вечна Република Македонија!“, посака во честитката, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.