ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ ВО РАБОТНА ПОСЕТА НА ОУ ЕЛПИДА КАРАМАНДИ: ДА СЕ СОЗДАДАТ УСЛОВИ ЗА ОТВОРАЊЕ НА ДНЕВЕН ПРЕСТОЈ ЗА СЛЕДНАТА УЧЕБНА ГОДИНА

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ ВО РАБОТНА ПОСЕТА НА ОУ ЕЛПИДА КАРАМАНДИ: ДА СЕ СОЗДАДАТ УСЛОВИ ЗА ОТВОРАЊЕ НА ДНЕВЕН ПРЕСТОЈ ЗА СЛЕДНАТА УЧЕБНА ГОДИНА

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес го посети основното училиште Елпида Караманди, каде имаше средба со директорката Татјана Дамчевска, со која разговараше за моменталните состојби, потреби и планови на училиштето. На барање на родителите, чии деца посетуваат одделенска настава во училиштето, Коњановски го отвори прашањето поврзано со долгогодишната потреба за дневен престој во оваа образовна институција, како трајно решавање на проблемот за кој изминатата година беше спроведено времено решение и овозможување престој за сите ученици од одделенска настава во детската градинка „Мајски цвет“.

Коњановски нагласи дека, ова е важно прашање, со чие решавање, ќе им се овозможи на родителите непречено спроведување на работните обврски, додека децата се соодветно згрижени во училиштето. За таа цел, градоначалникот побара од директорката да ги спроведе потребните законски процедури, а во училиштето, соодветно да биде адаптиран просторот во кој учениците до трето одделение ќе можат да престојуваат и да ги извршуваат своите задачи, пред или после завршувањето на наставата. Градоначалникот нагласи дека, општина Битола, согледувајќи ја потребата, застанува со потребната поддршка зад иницијативата на родителите, со цел од септември, овој долгогодишен проблем, повторно да не им создава грижа и неизвесност.

Директорката Дамчевска, се согласи да ги отпочне потребните постапки, за да може идната учебна година, учениците да посетуваат дневен престој во училиштето.