120 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

120 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

Делегација од Општина Битола, предводена од градоначалникот Тони Коњановски, придружуван од претставници на Советот на општината, како и претставници на политичките партии, Ансамблот за фолклор „Гоце Делчев“, основното училиште „Гоце Делчев“ и други граѓани, денес по повод одбележувањето на 120 години од смртта на Гоце Делчев, положија свежо цвеќе пред Спомен куќата на великанот на македонската национална борба. Денешниот ден е потсетување и одавање почит на големото дело и заложба на столбот на македонската револуционерна борба.

„Денешниот ден е одавање почит кон македонскиот национален херој, апостол и срцето на револуционерна Македонија, идеолог, организатор и водич, високо свесен, пред своето време, вистински алтруист, космополит кој го разбирал светот единствено како поле за културен натпревар на народите. Одбележувајќи 120 години од смртта на Гоце Делчев, истовремено одбележуваме и 120 години од големото наследство кое ни го остави оваа импозантна личност, која со гордост и пиетет ја славиме. Неговиот лик и дело не потсетуваат и ни помагаат да се издигнеме од сите премрежја и предизвици и да останиме достојни за неговата идеја и жртва, а како негови горди потомци, да продолжиме да ја чуваме и негуваме искрата на национална одржливост. Слава му! – реча градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски на денешното одбележување на настанот.

Одбележувањето на 120 годишнината од смртта на Гоце Делчев, во Битола, вечерва продолжува со културно уметничката програма „БАНИЦА 1903 – СТРАТЕГОТ НА МАКЕДОНСКИОТ УНИВЕРЗУМ“ од Зоран Пејковски и одбележувањето на 100 години од документарниот филм „МАКЕДОНИЈА ВО СЛИКИ“ на Арсениј Јовков. Програмата која се реализира со поддршка од Општина Битола, започнува во 20.00 часот во Офицерскиот дом во Битола.