Нови вложувања во инфраструктурните услови, нова ИКТ опрема, нагледни средства и помагала, се инвестициите во Гимназијата “Јосип Броз-Тито”, реализирани во изминатиот период, со кои училиштето континуирано работи на подобрување на образовниот процес и условите во него.
Градоначалникот Тони Коњановски, при денешната посета на училиштето изврши увид на успешната реализација на проектите во изминатиот период, а од директорката Лидија Споа, беше информиран дека, на овој начин, гимназијата која бележи највисоки резултати во државата, продолжува со реализација на визионерскиот пристап, практикуван и од претходните раководства на училиштето, а насочен кон подобрување на условите во објектот и училишниот двор кои не претставуваат само физички простор во кој вработените и учениците поминуваат долг период од денот, туку место каде што сите, како субјекти, професионално се реализираат.
Во оваа насока во делот на инфраструктурните проекти во училиштето, вложени се 770.254 денари, каде што се вбројуваат: уредување на соблекувалните, доуредување на преминот кон спортската сала, летна училница, хортикултурно уредување на просторот за дружење на учениците во соработка со НВО Сфера – Битола и други проекти. За училишен мебел, инвестирани се 213.519 денари.
За ИКТ опрема, нагледни средства и помагала, инвестирани се 881.940 денари за набавка на 35 таблети, 10 Смарт-андроид телевизори 50’инчи за сите кабинети и спортската сала, бинокуларен микроскоп со екран, мултифункционален фотокопир, универзална станица за полнење на лап-топ компјутери и таблети и друга опрема.
Со ваквите вложувања, Гимназијата ги прифаќа предизвиците на постојаниот концепт за подобро образование и со поддршка од Општина Битола, продолжува да дејствува со цел од училиштето да направи што поубаво и помодерно образовно-воспитно место каде што сите субјекти вклучени во воспитно-образовниот процес ќе се чувствуваат мотивирано за работа и за учење.
Градоначалникот Коњановски, информираше дека, општина Битола продолжува со континуирана поддршка на училиштата, како и минатата година, кога поради недостаток на средства од блок дотациите, за материјални трошоци и други инвестициони вложувања во воспитно образовните институции, општината инвестираше над 45.000.000 денари.