Следејќи ја состојбата со загадувачките супстанции во амбиенталниот воздух, кои покажуваат надминување на вредноста од 100µg/m3 во текот на два последователни денови и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, Штабот за заштита и спасување на општина Битола, денеска одржа работен состанок, за преземање на итни мерки за намалување на аерозагадувањето и помош на граѓаните. На состанокот кој го водеше градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, а присуствуваа и Претседателката на Советот Габриела Илиевска и претставници на јавните претпријатија, здравствените институции од градот, СВР Битола и општинската организација на Црвениот крст, беа договорени следните мерки:
– Бесплатен превоз за граѓаните на општина Битола до Ски центар „Нижеполе“ во среда, четврток и петок, со време на поаѓање во 9:00, 11:00 и 13:00 часот на следните две линии: прва линија со поаѓање од Автобуска станица – Спортска сала „Боро Чурлевски“ – улица „Партизанска“ – улица „Васко Карангелевски“ – Ружа Делчева – Лавчанска населба -Брусничка населба – Нижеполе; втората линија ќе поаѓа од Ат пазар – Бела Чешма – Шехерезада – „Булевар 1 Мај“ – Довлеџик – Нижеполе
– Во соработка со СВР Битола, ќе се спроведуваат зголемени контроли и пренасочување на тешките товарни возила, со цел да се спречи нивно влегување во градот, како и да се овозможи побрз проток на клучни раскрсници и тесни грла во градот,
– Општински инспекторат и СВР Битола со свои екипи, ќе вршат зголемени контроли на терен, на начинот на работа и загревање на приватните капацитети и домаќинствата
– Со претходно побарана помош преку јавување на телефонскиот број 047236019, тимови на ОО Црвен крст, ќе вршат достава на храна и лекови на хронично болни и изнемоштени лица
– Се препорачува и носење на заштитни маски, за што во соработка со ОО Црвен крст, ќе бидат поставени пунктови за бесплатно делење на маски во Новиот пазар, градскиот пазар и на Широк Сокак
– Согласно временските услови, јавните претпријатија „Комуналец“ и „Водовод“, ќе вршат почесто миење на улиците во градот.
Општина Битола, апелира до граѓаните да ги почитуваат и обврските преземени со добиените субвенционирања од општината за набавка на инвертер клима уреди.
Покрај, наведените мерки и активности, до граѓаните, остануваат и препораките на Министерството за животна средина и просторно планирање, кои вклучуваат: да се користи јавниот превоз, возилата да не се користат без поголема потреба, да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума или било кој друг синтатички материјал и правилно да се користат печките на дрва.
Исто така, да се почитуваат и препораките на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, кои вклучуваат: да се ограничи движењето и активностите на отворен простор на најранливата популација (деца,стари лица,болни од хронични болести на белодробниот и срцево садовен систем, со посебен ризик за болните од белодробна астма), но и за лицата кои својот професионален ангажман го обавуваат на отворен простор во загадените зони на градот. Покрај ова, се препорачува земање на витамини (антиоксиданси), главно преку исхраната (свеж сезонски зеленчук и овошје), по потреба и додатоци односно суплементи, а хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапиија од матичните лекари и да се придржуваат до препорачаниот диететски режим со намален внес на масна и солена храна.
Општина Битола од минатата година започна со активности за реализација и на долгорочните мерки, кои треба да ја подобрат состојбата со квалитетот на воздухот, за што: за првпат изработен е зелен катастар и даден за имплементација на ЈП Комуналец, извршено е ажурирање на катастар на загадувачи за што се зголемуваат инспекциските контроли, исто така, изработен е План за заштита на амбиенталниот воздух, чие имплементирање ќе започне од оваа година, а во тек е изработката на Локален еколошки акционен план и Програма за енергетска ефикасност. Истовремено, Општина Битола, работи на проекти за енергетска ефикасност на јавните институции,
Неподготвеноста на ваква стратешка документација, во досегашниот период оневозможи да бидат преземени конкретни чекори за намалување на загаденоста на воздухот.