ЗАПОЧНАТИ ПОДГОТОВКИТЕ ЗА ФОРМИРАЊЕ НА НОВИОТ СОСТАВ НА СОВЕТОТ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА

ЗАПОЧНАТИ ПОДГОТОВКИТЕ ЗА ФОРМИРАЊЕ НА НОВИОТ СОСТАВ НА СОВЕТОТ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и Претседателката на Советот на општината, Габриела Илиевска, денес одржаа работен состанок со претставниците на институциите кои се членови на Локалниот совет за превенција. На состанокот присуствуваа координаторите на советничките групи, претставници на СВР Битола,  јавните претпријатија, ТППЕ Битола, претставници на судските органи, здравствените институции, Центарот за социјална работа, месните и урбаните заедници, здруженијата на граѓани, бизнис секторот и религиозните заедници.

Од страна на градоначалникот, беше побарано од присутните да номинираат членови за Советот за превенција, кои ќе може актвно да учествуваат во работата на ова тело, со цел да се изградат заеднички препораки за подобрување на јавната безбедност на подрачјето на општината Битола, градење доверба и партнерски односи во превенирањето на појавите што влијаат на безбедноста.

На состанокот, од страна на СВР Битола, беа потенцирани, најважните области во кои во овој период, треба да бидат насочени превентивните мерки на делување, особено во пресрет на новогодишните празници.

За работата на Локалниот совет за превенција, од најголемо значење е поддршката на локалната самоуправа и раководителите во полицијата. Заедничките цели на двете засегнати страни кои ќе влијаат врз квалитетот на живеење на граѓаните, ги вклучуваат: унапредувањето на принципите на демократијата и владеењето на правото, заштита на животот на граѓаните како највисока вредност, заштита на имотот на граѓаните, превенција на криминалот како оперативен приоритет, вклучување на заедницата во работата на полицијата, одговорност пред граѓаните, зајакнување на професионализмот во полициската организација и градење на високи стандарди на професионален интегритет.

Новиот состав на Советот за превенција, ќе биде формиран со одлука на Советот на општината, а со него ќе преседава градоначалникот Коњановски.