По повод прославата на заштитникот на францускиот град Епинал – Свети Никола, делегација на Општина Битола, предводена од претседеталката на Советот, Габриела Илиевска, престојуваше во збратимениот град. Дел од делегацијата беа и Борче Корлевски, советник во Советот на општина Битола, Горан Степановски – директор на општинското претпријатие за паркинзи и Венцо Шишкин, раководител на одделението за економски развој во општина Битола. За време на посетата, беше договорена соработка, особено во преносот на искуства и добри практики во делот на подобрувањето на урбаната мобилност, енергетската транзиција и други прашања поврзани со комуналната сфера.
Соработката помеѓу Битола и Епинал, трае 54 години, од збратимувањето на Битола и Епинал во 1968 година, а истата се повеќе се зголемува и со тоа што Битола е град во кој се промовира француската и франкофонските култури, со голема поддршка и континуирана активност на почесниот конзул Калиопа Кривашија Стилиновиќ, како и Француската алијанса, при што се реализирани повеќе заеднички активности и успешни проекти во сите области.
Една од најзначајните области во кои се соработуваше во изминатиот период е противпожарната заштита, во која Епинал беше присутен низ годините со обука на битолските пожарникари, кога во Битола се примени и повеќе донации во опрема и возила. Како резултат на тоа, постигнато е зајакнување на капацитетите на територијалната противпожарна единица од Битола, а воспоставена е и соработка со Епинал во реализација на обуки за хортикултурно уредување на јавните површини, што денес е меѓу приоритетите на локалната самоуправа.
Реализирани се повеќе културни размени меѓу двата градови, а една од последните е заедничката поддршка на Епинал и Битола во реализацијата на Фестивалот на малата школа за краток филм, организиран од француската асоцијација АЈ АЈ ВОО, наменет за школската публика, чие второ издание се одржа во Битола од 31 октомври до 4 ноември, каде учествуваа околу 500 деца од Битола и околните села. Во разговорите меѓу претставниците на двата градови беше истакнато дека „се задоволни што заеднички поддржаваат еден културен проект кој е во зачеток, наменет за најмладата публика со охрабрување за олеснет пристап кон филмската уметност, со воспитување преку филм“.
Битолската делегација, имаше можност да посети повеќе инфраструктурни инсталации на градот Епинал, како градските оранжерии кои експериментално произведуваат здрава храна на школските кантини, градските топлани кои функционираат на биомаса, како и да разменат искуства во областа на урбаната мобилност и услуги, со претставниците на збратимените градови на Епинал, Жамблу-Белгија, Швабиш Хал – Германија и Ла Крос -САД.
Претставниците на Битола и Епинал разговараа и за идната соработка, за која се надеваат ќе започне со проектот за културно наследство, фестивали и туризам за одржлив развој, а чија цел е да изгради мостови на соработка меѓу градовите Битола во Македонија, Ниш во Србија и Епинал во Франција.
„Овој проект, за кој искрено се надеваме дека заеднички ќе аплицираме во наредниот период, ќе овозможи јакнење на општинските служби и мобилизација на ресурсите на културно наследство, фестивалските настани, за надградба на политиката на одржлив развој за секоја заедница. Студиските посети, размена на мислења, заедничките работилници, ќе овозможат зајакнување на контактите и соработката помеѓу општинските чинители, особено од областа на културното наследство и фестивалски настани, како и учесниците во секторот туризам од сите три страни. Бенефитот од овие активности, секако уште повеќе ќе ја зголеми и заинтересираноста кај младите, каде во изминатиот период, преку образовниот процес, бележиме повеќе размени на ученици, особено во средното образование, а веќе има интерес и од повеќе основни училишта во Битола, како во делот на размена со училиштата во Епинал, така и во градењето нови партнерства за заедничко учество преку програмата „Еразмус“ и други проекти, поддржани од меѓународни фондови“, рече Габриела Илиевска претседателка на Советот на Општина Битола.
Од особена важност е што ваквата соработка е поддржана и поттикната од градоначалниците на Битола и Епинал, Тони Коњановски и Патрик Нардан, кои ги користат сите можности за развој на нови иницијативи и имплементација на одржливи решенија во повеќе специфични области, во кои локалната самоуправа треба да даде посебен придонес. Тоа беше и дел од темите на кои градоначалниците, разговараа и за време на одржаната видеоконференција во месец јули оваа година. Во овој контекст, посебно вреднувајќи ги достигнувањата на Епинал, Битола побара пренос на искуства и добри практики во делот на подобрувањето на урбаната мобилност и прашањата поврзани со комуналната сфера, како и енергетската транзиција.