Ноемвриската изложба на Друштвото на ликовни уметници Битола беше отворена синоќа во изложбениот салон на Завод и музеј Битола, во рамките на Програмата за одбележување на 4 Ноември, Денот на ослободувањето на Битола.
Уметниците – изложувачи, членови на ДЛУБ, по 59 пат ги поставија своите творечки дострели на Ноемвриската изложба. Творечкиот опус чија тематика, стилистика и естетско-ликовна насоченост и техника е вообичаено разновиден, ја восликува ликовна сфера и лична атмосфера на ликовни тенденции и личносни тежнеења на членовите на ДЛУБ.
Во чест на почитуваниот ликовен уметник Илија Кочовски, плакатот е изработен со репродукција од негово дело.
На изложбата се поставени дека од Ване Костуранов, Татјана Манева, Тони Попов, Владимир Младеновски, Димитар Димитров, Синиша Кашавелски, Петар Кирановски, Панде Петровски, Славица Михаилова, Роберт Михајловски, Дејан Макариовски, Елена Ѓорѓиевска, Стефан Малбашиќ, Бојана Артиновска Трпческа, Љубица М.Солак, Слободан Рајчевски, Стефан Анчевски, Оливера Лазаревска – Оља, Динко Ненов, Александар Поповски, Душан Шешиќ, Вангел Крстиновски, Илија Маџаров, Васко Ѓоргиев, Сашо Блажески, а гости на изложбата се Боро Арсов, Zana Vossou, Alkiviadis Vosdou, Јане Крстески и Бојана Тошевска.
Традиционално се доделува награда за најуспешно ликовно остварување на Ноемвриската изложба. Годинава, членови на комисијата за наградата беа Лилјана Христова, Панде Петровски и Александар Поповски и одлучија Ноемвриската награда да ја добие Бојана Артиновска Трпческа, а наградата значи организација на самостојна изложба на наградената од страна на ДЛУБ.
ДЛУБ годинава и додели признание на Лилјана Христова, историчар на уметност, за особен придонес, за развој на ликовната уметност и нејзина афирмација на битолската и македонската ликовна сцена во земјата и во странство, за високиот професионализам и континуираната ангажираност како историчар на уметност и организатор на бројни изложби.
На изложбата се обратија претседателката на ДЛУБ Нела Петровска, ликовниот критичар Лилјана Христова и уметникот Панде Петровски.