По повод 4 Ноември, Денот на ослободувањето на Битола, делегации од четири градови со кои Битола е збратимена, присуствуваат на церемонијалните настани.
Годинава, во Битола престојуваат делегации од градовите Бурса од Турција, Плевен од Бугарија, општина Стари Град, Белград од Србија, Херцег Нови од Црна Гора. По свечената церемонија на полагање свежо цвеќе, претставниците на делегациите на Плевен, Стари Град – Белград и Херцег Нови, остварија средба со градоначалникот Тони Коњановски во неговиот кабинет, како и со претседателката на Советот на општина Битола, Габриела Илиевска.
На средбата, сите изразија задоволство што годинава, во голем број успеаја заеднички да се сретнат, да разменат мислења и искуства, кои се драгоцени особено после периодот на пандемија од Ковид-19. Дел од нив, кои за прв пат се во градот, истакнаа дека се воодушевени од Битола, нејзината архитектура, култура и историја, а оние кои веќе биле, среќни се што повторно имаат можност да ја видат Битола и нејзините убавини и да бидат дел од чествувањата по повод празникот 4 Ноември.
Вечерва, делегациите ќе бидат дел од свечената програма по повод доделувањето на наградите „4 Ноември“.