Со приемот на претставници од општинската организација на Сојузот на борци Битола во кабинетот на градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, започнаа денешните активности по повод 4 Ноември, Денот на ослободувањето на градот Битола.
Битолскиот дувачки оркестар го започна церемонијалниот дел со изведби на маршеви низ Широк Сокак, по што со делегациите се упатија пред споменикот кај Центарот за култура, каде беше изведена македонската химна.
Градоначалникот на општина Битола во име на општината положи свежо цвеќе, по што пристапија претставниците на Советот на општина Битола, претставници на општинската организација на Сојуз на борци, делегации на збратимените градови од Бурса – Турција, Плевен – Бугарија, Херцег Нови – Црна Гора и Стари Град, Белград – Србија, претставници на збратимениот град Епинал, како и претставници на политичките партии и други граѓани.
Делегациите положија цвеќе и пред споменикот на народниот херој Стив Наумов, како и на партизанските гробишта во Битола.