ОДРЖАНА KOНСТИТУТИВНА СЕДНИЦА НА ЛОКАЛНИОТ ЕКОНОМСКО СОЦИЈАЛЕН СОВЕТ НА БИТОЛА

ОДРЖАНА KOНСТИТУТИВНА СЕДНИЦА НА ЛОКАЛНИОТ ЕКОНОМСКО СОЦИЈАЛЕН СОВЕТ НА БИТОЛА

Новиот состав на Локалниот економско социјален совет на општина Битола, денес ја одржа првата конститутивна седница, на која едногласно за претседавач беше избрана Гордана Балтовска, претставник на Организација на работодавачи, вработена во АД Стопанска банка Битола. Заменик претседавач на ЛЕСС, ќе биде секретарот на општина Битола, Борче Димитровски.

Новиот претседавач на ЛЕСС, Балтовска, нагласи дека ќе се залага за активно работење на Локалниот економско социјален совет, со цел навремена и успешна реализација на целите кои ќе бидат дел од програмите.

Градоначалникот Коњановски, им се заблагодари на сите присутни за нивниот интерес за работа во ова тело, во кое ќе се разгледувааат важни прашања од економијата, образованието и социјалната работа.

„За мене како градоначалник, особено е важно конституирањето на овој совет да не остане само на хартија, туку од него да произлезе акциски план и годишна програма, за кои после периодот кој ќе го предвидиме, ќе можеме да кажеме дека во најголем процент се реализирани.

Во овој контекст, отворен сум за постојана соработка со сите претставници на ЛЕСС – от, за да можеме пред се полесно да ги надминеме моменталните предизвици со кои се соочуваме, но и да ги мотивираме младите да делуваат во својата општина, да создадеме услови за намалување на невработеноста, колку што можеме да  влијаеме на подобрување на состојбата со понудата и побарувачката на пазарот на трудот, да ги подобриме можностите за школување, згрижување на децата од предучилишна возраст, како и да иницираме решенија за подобрување на можностите за социјално ранливите категории.

Верувам дека, лицата кои ќе раководат со овој совет, ќе имаат доволно ентузијазам и мотивираност, за посветена работа и обезбедување функционалност на ова тело, кое навистина доколку функционира според определените цели и задачи, може да даде големи резултати“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

На конститутивната седница, беше побарана измена на Деловникот, заради негово усогласување со потпишаната спогодба помеѓу Општина Битола, Организацијата на работодавачи и Сојузот на синдикати и Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија.

Новиот предлог Деловник и годишните програми за 2022 и 2023 година, беше договорено да се разгледуваат на следната седница на 16 ноември.

Заменик претседавачот, Борче Димитровски, нагалси дека новиот состав на ЛЕСС започнува со активности веднаш, а како прва активност е и Форумот насловен „Урбана мобилност“, закажан за 3 ноември, во соработка со Младинскиот културен центар, а како дел од проектот „Унапредување на социјалниот дијалог во заедницата“ поддржан од Меѓународниот центар Улоф Палме од Шведска. На овој форум, предвидено е да се пренесат и искуства во оваа област од збратимените градови на Битола.