Согласно Меморандумот за соработка помеѓу Општина Битола и Коалицијата на младински организации СЕГА потпишан на 26 мај, деновиве отпочнаа подготвителните активности за изработка на локалната стратегија за млади.
Од 12 до 14 септември беше одржана обука за креирање на локални стратегии, на која присуствуваше службеникот за млади на општина Битола и согласно дадените препораки, испратени се покани до релевантни институции кои се препорачува да се вклучат во изготвувањето на Стратегија за млади на ниво на општината.
Селектирањето на предложените институции е во координација со општина Битола и имплементаторот на проектот, Коалиција СЕГА, а меѓу поканетите се претставници од образованието, невладиниот сектор, културата, социјалната заштита, здравството, бизнис секторот, како и претставници на стопанската комора.
После номинацијата на членовите, ќе биде формирана работна група која ќе отпочне со процесот на креирање на Стратегијата за млади во Битола.
Покрај изработката на стратегијата за млади, преку проектот „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата” ќе се овозможи успешно имплементирање на Законот за младинско учество и младински политики, како и јакнење на капацитетите на локалниот младински совет.