Во албанските градови Тирана и Фиер, се одржа втората сесија од Француско-Балканската џез мрежа, во која како претставник на нашата држава е општина Битола, како поддржувач на битолскиот ЈФФ, односно Џез фактори фестивалот.
На средбата, беа претставени и разгледани капацитетите и можностите кои општина Битола ги нуди за одржување на културните настани, особено на отворено во летните месеци, како можност за идна соработка која е предвидена во текот на следната 2023 година.
Присутнуте беа воодушевени од концептот и содржините кои ги понуди овогодинешното издание на БИТ ФЕСТ, како една голема отворена сцена за сите возрасти и вкусови. Претставниците од градовите и џез фестивалите во Франција, Србија, Црна Гора, Албанија и Македонија, разговараа и за заедничка размена на џез уметници, кои можат да земат учество на некој од фестивалите во градовите претставници – Дижон и Шамбери во Франција, Подгорица – Црна Гора, Ниш со фестивалот Нишвил – Србија, Тирана – Албанија и Битола – Македонија.
За време на сесијата, која се одржа во рамките на Џез фестивалот во Тирана, беа изведени неколку џез концерти со претставници на дел од земјите учеснички, како и настапот на младинскиот џез оркестар, во кој учествуваат студенти од џез академиите во наведените земји, меѓу кои и двајца македонски млади уметници.