ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ ИМ ПОСАКА УСПЕШНА УЧЕБНА ГОДИНА НА СИТЕ УЧЕНИЦИ

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ ИМ ПОСАКА УСПЕШНА УЧЕБНА ГОДИНА НА СИТЕ УЧЕНИЦИ

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес, на првиот ден од новата учебна година, ги посети основните училишта Тодор Ангелевски, Кирил и Методиј и Даме Груев, посакувајќи им успешен почеток на учениците од сите основни и средни училишта. Градоначалникот информираше дека, од оваа година, согласно планираното во неговата програма, за првпат првоодделенците ќе добијат еднократна финансиска поддршка. Ова истовремено значи прифаќање и на неодамнешната иницијатива на една советничка група, а доделувањето на средствата ќе следува по ребалансот на буџетот и донесувањето на одлуката од Советот. За првоооделенците, општината обезбеди и донација преку Програмата за активности во областа на спортот и младите со која ќе се надополнат реквизитите за спортски активности во сите 12 основни училишта. Битолските основни и средни училишта, подготвени ги дочекаа учениците, а општината веќе работи на проекти кои ќе придонесат за подобрување на условите во повеќе училишта:

„Денес, започнува првиот училишен ден за 11.304 ученици во основните и средните училишта во општина Битола. Секако дека, првиот училишен ден е најважен за првооделенците, кои од денес го започнуваат своето школување. Во Битола, оваа година имаме 783 првачиња, (за жал за 44 помалку првачиња од минатата година кога биле 827) и 965 ученици кои го започнуваат средното образование.
На сите ученици, сакам да им посакам добро здравје, многу успех и постигнување на високи резултати, кои ќе бидат мотив повеќе за континуиран напредок во нивното образование.
Основните и средните училишта во општината, подготвени се за новиот почеток на учебната година, а како локална самоуправа веќе работиме на повеќе проекти, чија реализација, верувам дека ќе донесе подобри услови во училиштата, но истовремено и ќе одговори на наметнатите проблеми од актуелните кризни ситуации.
Конкретно, за малото училиште Даме Груев во тек е изработка на проект за реконструкција на фасада, покрив и замена на дел од дограмата.
Во досегашниот период извршено е мапирање на состојбата на сите основни и средни училишта и детски градинки, со цел согледување на можноста за поставување на фотоволтаици на училиштата каде се направени потребните реконструкции во делот кој е поврзан со зголемување на енергетската ефикасност, односно заштеда на енергија и намалување на загубите.
Исто така, аплициравме на повик за добивање средства за реконструкција на енергетски ефикасна фасада на централното училиште Даме Груев, како и промена на постоечкото осветлување со лед осветлување и промена на дел од застарената дограма.
И покрај недоволните средства кои стигнуваат за училиштата од министерството, во овие услови на енергетската криза и зголемените цени на енергенсите, како и најавеното зголемување на цената на електричната енергија, презедовме соодветни мерки за обезбедување на стабилна состојба во битолските основни и средни училишта, во однос на греењето во претстојната грејна сезона.
Со договорот за снабдување со екстра лесно масло за греење, дел од училиштата имаат и залиха, но имаат и можност за нови нарачки. Постапката за нов договор за следната година, ќе биде завршена пред почетокот на грејната сезона, така што општината од сите аспекти е обезбедена во однос на снабдување со екстра лесно масло за греење“, изјави градоначалникот Тони Коњановски.

Во однос на превозот на учениците, веднаш по завршувањето на усписните рокови за средните училишта и добивањето на конечниот број на запишани ученици за кои треба да се обезбеди бесплатен превоз, спроведена е и постапка за јавна набавка за превоз на ученици.
И покрај сите предизвици и кризи, локалната самоуправа верува дека успешно ќе се реализираат сите планови поврзани со нови инвестиции и подобри услови за учениците.