Основачите на Управниот одбор на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола, предводени од претседателката Елена Хаџи Антоновска, остварија средба со градоначалникот Тони Коњановски, претседателката на Советот Габриела Илиевска и заменик градоначалникот Бојан Бојковски, откако вчера овој Управен одбор донесе едногласна одлука со која се прифаќа финансиската поддршка за плата и трошоци до крајот на годината понудена од страна на Општина Битола.
На состанокот беа разгледани актуелните состојби со Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј”, а градоначалникот ја потврди заложбата на општината дека до крајот на годината ќе бидат обезбедени средства, со што ќе продолжи функционалноста на оваа институција.
По објавата на „Апелот за спас на Малиот Битолски Монмартр“ на социјалните мрежи, во кој беше образложено дека Министерството за образование и наука ги укинува средствата наменети за оваа институција, општина Битола и Советот на општината застанаа зад делото на Коста Хаџи Антоновски, творецот на најголемата и најзначајна детска ликовна колонија кај нас и во светот, која 41 година е македонски бренд во светот.
Со ребалансот на буџетот, до крајот на оваа година, ќе бидат одвоени средства за исплата на плата на едно лице (технички секретар), трошоците за струја и телефон,со што ќе продолжи функционалноста на оваа институција.
Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј”, веќе 41 година е организатор на најстарата светска детска ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“, манифестација по која Битола е позната во светски рамки.