Претставници на „Bankwatch Network“ – најголемата меѓународна мрежа на организации кои работат во полето на заштита на животната средина во централна и источна Европа и ги следат јавните институции кои се одговорни за стотици милијарди инвестиции ширум светот, денес имаа состанок со градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, претседателката на советот, Габриела Илиевска и советникот Иван Чулаковски. На состанокот, беа разменети мислења во врска со идеи и можности за поголема енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија, како и развивање на одржлив систем за загревање на битолските домаќинства.
На состанокот присуствуваа и претставници на центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко – свест“, како една од членките на CEE „Bankwatch Network“ со која во моментот работат на иновативна студија за индивидуално и централно греење во Битола, поради што беа разгледани и моменталните активности и можности на општината, во овој контекст.
Изготвувањето на оваа студија, се очекува да даде и нови насоки, кои се особено значајни за имплементација на одржливи решенија, особено во услови на енергетската криза со која се соочува државата, додека градењето на партнерски однос со оваа меѓународна мрежа, се очекува да отвори нови можности за реализација на проекти, финансирани од европски и други меѓународни фондови.