Битола, продолжува да живее со голем број културни настани.
Денес, свечено беше отворен четвртиот меѓународен натпревар по пијано „Пијано фест“ 2022, кој годинава, за првпат се одржува во прекрасната акустична сала на Офицерскиот дом, на концертното пијано “Bosendorfer”.
Присутните ги поздрави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, посакувајќи им многу успех на сите натпреварувачи.
Натпреварот го отвори Гоце Златев, исклучителен млад талент, кој што со свој полурецитал го прогласи почетокот на овој културен настан на кој ќе земат учество 80 кандидати од Македонија, Албанија, Србија, Косово, Турција, Црна Гора и Бугарија.
Учесниците ќе се натпреваруваат во дисциплините пијано соло и пијано дуо, а распоредени се во 12 различни категории на возраст од 6 – 22 години. Оценувањето ќе го врши стручно жири во состав: Драгомир Братич од Србија, Кристина Петролари Ласо од Албанија, Дино Имери од Македонија и Лилјана Вукелија од Србија.
Натпреварот кој е во организација на здружението на пијанисти и музички педагози ПИЈАНО од Битола, поддржан е од Општина Битола во соработка со ЈОУ Културен и Информативен центар – Битола.