ЈАВНОТО ПРЕТПРИЈАТИЕ ПАЗАРИ ОДБЕЛЕЖУВА 70 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ
По повод 70 години од формирањето, јавното претпријатие „Пазари“, денес организираше посебен настан на кој присуствуваа голем број гости, сегашни и поранешни вработени во ЈП Пазари, пазарџии и други лица кои со својот ангажман, низ годините придонесле во креирањето на успешната приказна на ова претпријатие. Директорката на претпријатието, Соња Карапашовска, во своето обраќање пред присутните, стави акцент и на значајните битолски историски приказни кои се сочувани во битолскиот пазар, а додели и повеќе благодарници на лицата кои се дел од нив
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, по повод големиот јубилеј на претпријатието, испрати честитка, во која се вели:
„Денес, одбележуваме еден многу значаен јубилеј за сите нас – 70 години од постоењето на Јавното претпријатие Пазари. Ова е единственото претпријатие во градот кое овозможува на едно место, да се соберат и производителите и продавачите и купувачите на храна и токму затоа, од година во година, мора да се осовременува, да ги издигнува хигиенските и функционалните стандарди, а на тој начин да гарантира сигурност и безбедност на производите кои се користат во секојдневието.
Стопанисувајќи со градскиот пазар, а во последните години и со Новиот пазар, ЈП Пазари, менаџира со едно од главните обележја на градот, кое во себе носи долгогодишна историски значајна приказна, во која седум децении, свој значаен печат, остава и работата на вработените во претпријатието.
На уредената пространа површина, во сите годишни времиња може да се најдат многу земјоделски производи, различни видови овошје, зеленчук, млечни производи, цвеќиња, бижутерија и други видови продукти.
За нас битолчани, ова е навистина посебно место, а за посетителите од другите градови во државата и гостите од другите земји, една од главните туристички локации, на кои освен купувањето, задоволство е да се види разноликоста на производи, бои и понуди.
Градскиот пазар во Битола е еден од најголемите во државта. Кога на тоа ќе се додаде и 70 годишно постоење, тој навистина заслужено го носи епитетот на градски белег, заедно со Старата битолска чаршија.
Како локална самоуправа, заедно со раководството на ова претпријатие, со себе ја носиме обврската, тоа што се создало низ годините да го осовремениме и надградиме, а таму каде што е потребно да направиме дополнителни интервенции, да го разубавиме и континуирано да вршиме модернизирање на условите во Градскиот пазар и во пазарот во Нова Битола.
Со заедничка координација, меѓусебна соработка и нови инвестиции, сите заедно, верувам дека ќе продолжиме да ја градиме иднината на ова место, а со секоја измината година успешна работа, јавното претпријатие Пазари, ќе испишува историја со многу позитивни приказни на радост на сите битолчани.
ЧЕСТИТ ЈУБИЛЕЈ – 70 ГОДИНИ ОД ПОСТОЕЊЕТО НА ЈП ПАЗАРИ! НЕКА УСПЕХОТ БИДЕ ВАШ СОПАТНИК КОН НОВИ ГОЛЕМИ РЕЗУЛТАТИ И ЗАДОВОЛНИ ГРАЃАНИ!“ стои во честитката од градоначалникот Коњановски.
Дел од денешниот настан, беше и хуманитарната акција, на која присутните имаа можност да ги вкусат сите производи на СЛОУ ФУД, а со тоа и да донираат во БАНКАТА ЗА ХРАНА, од каде, средствата ќе бидат наменети за хуманитарни цели.