Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, заменик градоначалникот Бојан Бојкоски, претседателката на Советот, Габриела Илиевска, заедно со стручните служби од општинската администрација кои работат на реализација на проекти од областа на енергетската ефикасност, денес ја посетија општина Кожани, каде имаа средба градоначалникот на Кожани, Лазарос Малоутас и претставници од оваа општина кои работат во повеќе области, согласно неодамна потпишаниот Меморандум за соработка помеѓу општините. Во рамките на посетата, беа разменети искуства во делот на имплементираните решенија во Кожани, во повеќе области, но со посебен акцент на проектите од енергетската ефикасност. Делегацијата од општина Битола, имаше можност да разговара за повеќе имплементирани проекти во Кожани, како што е централниот систем за греење, интегрираниот менаџмент со отпад, а ја посетија и современата библиотека, која располага со библиотечен материјал од 1947 година.
Покрај оваа средба, како дел од проектот „Интеграција на зелен транспорт во градовите”, кој се имплементира во партнерство помеѓу Универзитетот од Кожани, Универзитет од Патра, Општина Битола, Општина Ресен, Општина Преспа и Општина Лерин, во рамките на конференцијата која ќе се одржи во Кожани, ќе бидат претставени резултатите од реализираниот проект.
„Општина Битола веќе постави фотоволтаични панели на кровот на спортската сала „Боро Чурлевски“, поставен е полнач за електрични возила кој е поврзан со фотоволтаичните панели и набавени се две целосно електрични возила: едно комбе и еден автомобил.
Исто така, преку проектот набавена е комуникациска опрема која се инсталира на возилата и преку соодветен систем ќе биде ставена во функција. На овој начин, очекуваме комплетниот интелигентен транспортен систем да биде од голема корист за жителите на регионот.
Примената на енергетски ефикасен, регионален интелигентен транспортен систем ќе ја поддржи ефикасноста при секојдневниот превоз на корисниците, но дополнително и ќе ја олесни и зголеми туристичката промоција на регионот кој располага со големи туристички атракции, културни објекти и можности за развој и напредок на спортот, истовремено промовирајќи зачувување на животната средина и заштита на нејзината природна убавина“, информираше градоначалникот Тони Коњановски за време на посетата на Кожани, а во врска со проектот кој е финансиран од ИПА програмата за прекугранична соработка со Република Грција.
Коњановски, изрази верување дека со зајакнатото партнерство, очекува наскоро да се реализираат и нови заеднички проекти кои ќе водат кон декарбонизација на транспортот, успешна дигитална и зелена транзиција, со зголемена, енергетска ефикасност, подобра инфраструктура и почиста животна средина, што ќе резултира со поквалитетни услуги за граѓаните, но и зголемување на мобилноста преку паметни решенија, за кои ќе се користат средства од Европските или други фондови.