ОПШТИНА БИТОЛА ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ „ЗАШТИТА ОД КОРУПЦИЈА“

ОПШТИНА БИТОЛА ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ „ЗАШТИТА ОД КОРУПЦИЈА“

Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски учествуваше на конференцијата „Како до поефикасна заштита од корупција на локално ниво?“, која што во организација на Центарот за граѓански комуникации се одржа во Скопје.

Општина Битола учествува во проектот „Заштита од корупција“,финансиски поддржан од Кралството Холандија, а со тоа беше дел од првата конференција, по која ќе следуваат подолгорочни напори во насока на намалување на корупцијата преку зголемување на транспарентноста, отчетноста и интегритетот на локалните институции.

Во првиот панел на тема „Што им недостига на општините за да ја засилат борбата против корупција?“се обрати градоначалникот Коњановски, кој истакна:

„Општина Битола, како сервис на граѓаните, се стреми кон развој на силна организациска структура и кохерентен систем на управување со интегритет, а согласно тоа не толерира било каква форма на неетичко, казниво или друго незаконито однесување.

Поаѓајќи од заложбите за владеење на правото, обезбедување на одржлив економски и општествен развој, поттикнување на јавната доверба, целосно и непречено остварување на правата и слободите на граѓаните, како и поттикнување на нивното учество во носењето одлуки на локално ниво, Општина Битола има усвоено политика на интегритет, која ги вклучува следните компоненти:

  1. Јавен интерес и спречување на корупцијата и судирот на интереси
  2. Професионално и етичко работење
  3. Заштитено пријавување
  4. Управување со човечки ресурси
  5. Ефикасно, економично и ефективно работење
  6. Транспарентност, отчетност и партиципативност
  7. Управување со квалитет и
  8. Еднакви можности на мажите и жените

Имплементацијата на сите овие компоненти, секако дека е поврзана и со доследно применување на законите со кои се регулираат одредени области или процеси, за кои е надлежна локалната самоуправа, но истовремено и со придржување на вработените во општинската администрација до Кодексот за административни службеници.

Третиот дел од оваа политика на интегритет, вклучува нејзино спроведување, управување со ризици од корупција и следење и известување.

Општина Битола, покрај политиката за интегритет, има донесено годишна програма која е во функција на продолжување на борбата против корупцијата и судирот на интереси, во која се апострофирани значајни компоненти, а утврдени се и приоритетните цели, како и мерките и активностите што треба да се преземат за нивна реализација и креирање на соодветни политики.

На крај, би сакал да нагласам уште еден аспект, кој е особено значаен во процесот на антикоруптивното делување, а кој е предвиден и опишан во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021 – 2025, а тоа е дигитализацијата.

Тука сме значаен чекор напред, активно работиме и очекувам до крајот на годината во Општина Битола, да се изврши комплетна дигитализација на јавните услуги, со што меѓудругото ќе се овозможи и електронско следење на сите поднесени предмети во општината. Со ова сметам дека, транспарентноста ќе се зголеми уште повеќе и ќе се елиминира било каква можност за појава на корупција“, посочи градоначалникот Тони Коњановски.

Воведно обраќање на конференцијата имаа претседателката на Државна комисија за спречување на корупција Билјана Ивановска, извршната директорка на ЗЕЛС Душица Перишиќ и амбасадорот на Кралството Холандија, н.е. Дирк Јан Коп.