Општина Битола, го започна процесот на создавање нови можности за граѓаните со цел преку користење на дигитални алатки, да се овозможи брз одговор од страна на локалната самоуправа на доставените барања. Преку воведувањето на м-заедница во Општина Битола, граѓаните ќе комуницираат директно со одговорните лица во општината за одредена проблематика и на тој начин, ќе го следат процесот и статусот на доставената пријава.
„мЗаедница е првиот чекор кој го реализира општина Битола, за подобрување на услугите за граѓаните. Преку оваа апликација, секој раководител во општината, преку одговорното лице во секторот или одделението, ќе комуницира со граѓаните за нивните прашања, проблеми или барања, со цел навремено и соодветно постапување од страна на одговорните лица во општинската администрација. Со оваа апликација вршиме вмрежување и на дел од јавните претпријатија, на тој начин што и тие ќе бидат постојано достапни за граѓаните, преку свои одговорни лица. Барањата ќе можат да се доставуваат и со фотографија од локацијата на која се пријавува проблемот. Ова е првата фаза од реализацијата на проектот со кој предвидуваме комплетно дигитализирање на сите услуги, со што секој граѓанин од било кое место, електронски ќе може да поднесе комплетно барање за услугите кои се во надлежност на општината и на брз и ефикасен начин да го добие потребниот документ. Тоа значајно ќе го олесни пристапот на граѓаните до општината, а ќе овозможи и брзо и ефикасно работење на општинската администрација“, изјави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.
Претседателката на Советот, Габриела Иливеска, нагласи дека со „мЗаедница“, се пристапува кон обезбедување на поквалитетни услуги, поефикасна администрација и спречување на корупција, а истовремено се овозможува транспарентност, отвореност на општината и учество на граѓаните во процесот на донесување одлуки.
Дигиталната платформа „мЗаедница“ е развиена од тимот на Центарот за социјални иновации БЛИНК 42 – 21, како прва мобилна и веб – апликација од ваков тип во нашата држава.
„мЗаедница“ го зголемува своето семејство на општини низ целата држава. Среќни сме што Битола е општината која ни се приклучува. На овој начин, битолчани ќе можат преку дигитални алатки континуирано да комуницираат со својата општина. Да споделуваат идеи за развој на населбите, но и да пријавуваат локални проблеми. Граѓаните ќе можат на брз и едноставен начин да аплицираат и за субвенции, без физичко присуство во општината. Важно е што ќе се зголеми и ефикасноста на општинската администрација, а граѓаните во реално време ќе можат да го следат статусот на својата пријава.
Дигитализацијата е тема на која како општество многу зборуваме последниве години. Нè радува фактот што општините ја препознаваат „мЗаедница“ како дигитално решение кое го олеснува животот на граѓаните, го зголемува граѓанското учество и транспарентност“, изјави Милан Танчески, извршен директор на БЛИНК 42-21.
Општина Битола, согласно предвидената динамика, планира до крајот на годината, комплетно да го заврши процесот на дигитализација на сите услуги кои ги нуди локалната самоуправа.