Амбасадорот на Република Полска, Војциех Тицињски, денес ја посети Општина Битола, каде имаше средба со градоначалникот Тони Коњановски. На средбата градоначалникот Коњановски, го запозна амбасадорот со планираните проекти и визијата за развој на општината која е насочена кон создавање на подобри услови за граѓаните и напредок на општината, како и со предизвиците кои локалната самоуправа успешно ги надминува. Градоначалникот Коњановски, информираше и за условите кои ги нуди Индустриската зона „Жабени“, како можност за економска соработка со Полска и потенцијални инвестиции во зоната од оваа земја.
Амбасадорот Тицињски, истакна дека во следниот период очекува зајакнување на соработката помеѓу двете држави, како на централно така и на локално ниво. Тој информираше дека, Националниот фонд на Полска ќе овозможи финансиска поддршка на проекти во Република Македонија, во областа на животната средина и влијанието на климатските промени.
Инвестициите во образованието, развојот и промоцијата на туризмот, спортската инфраструктура и културата, се исто така области за кои амбасадата на Полска, понуди можност за соработка со општина Битола, преку искористување на средства од повиците за мали грантови на амбасадата. Амбасадорот информираше и за добрите студиски програми и можностите за стипендирање на студенти кои ги нуди Полска, а нагласи и дека во иднина ќе биде разгледана можноста и за збратимување на Битола со град од Полска.