Општина Битола беше домаќин на работната средба во рамките на проектот Just Transition Diagnostic (Дијагностицирање на праведна транзиција), на која учествуваа претставници од Делегацијата на Европската Унија, консултантската куќа Планет задолжена за подготовка на акциските планови, професори од Техничкиот факултет и дел од општинската администрација задолжена за реализација на проектот. На средбата присуствуваа и градоначалниците на општините Битола, Новаци и Могила и претседателката на Советот на општина Битола.
Во своето поздравно обраќање, градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски истакна дека процесот на енергетска транзиција е неминовен и е многу значаен за жителите на целиот пелагониски регион.
Во работниот дел, се дискутираше за начините кои ќе бидат дел од акциониот план, преку кој треба да се изведе преодот на енергетска транзиција со декарбонизација во наредните години, земајќи ги во предвид социо-економските аспекти на жителите од регионот. Паралелно, ваквата транзиција треба да има бенефит и во однос на заштита на животната средина.