Денес, во Битола, се одржа завршен настан на Проектот „Смарт кул тур“, кофинансиран од страна на Европската Унија и Министерство за Локална самоуправа а во рамките на вториот повик на ИПА програмата за прекугранична соработка со Република Албанија, каде општина Битола е водечки партнер. Заедничките активности се имплементираа во соработка на општината со уште четири партнери и тоа: НУ Завод Музеј и Младинскиот културен центар од Битола и Општина Пустец и Регионалниот Директорат за култура од Корча. На денешниот настан, беа презентирани реализираните активности и постигнатите проектни резултати.
„Со овој проект, извршено е подобрување на пристапноста до археолошкиот локалитет Хераклеја, но и инфраструктурно уредување во самиот локалитет. Преземени се чекори кои го поттикнуваат развојот на туризмот во регионот Пелагонија – Корча со реализирани повеќе инвестиции, а истовремено се создава можност за промоција и заштита на културното и природното наследство, со цел овозможување на рамномерен и одржлив социо – економски развој во прекуграничниот регион. Како локална самоуправа, не застануваме тука и веќе работиме на повеќе проектни апликации, за кои очекуваме поддршка од европските фондови, во различни области кои ќе овозможат подобрување на условите за живот во нашата општина, посебно во областа на животната средина, енергетската ефикасност, културата, туризмот и други области. Остварувањето на перспективните цели, подразбира и континуитет со кој се претставува нашата сериозност како општина и се гради довербата кај финансиерите, поради што, како што е пример и денешниот настан, насочени сме и кон успешна дореализација на започнатите проекти финансирани од ЕУ, но и обезбедување функционалност и одржливост на веќе реализираните инвестиции.
Се разбира, професионалноста е директно поврзана и со зајакнување на општинските капацитети, за што планираме и формирање на сектор за меѓународна и прекугранична соработка, со цел посветено и експедитивно работење при аплицирање и реализација на одобрените проекти од Европската унија,
Во врска со конкретната ИПА програма за прекугранична соработка, од која е финансиран проектот Смарт кул тур, продолжуваме со заедничко делување со нашите партнери од Албанија и веќе потпишавме нов договор, со кој наскоро ќе започне реализацијата на една нова успешна приказна, насочена кон создавање на задничка иднина и подобри услови за живот, за општините од претходно споменатиот регион Пелагонија – Корча“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски на денешниот настан.
Со проектот „Смарт кул тур“, преземени се чекори за развој на туризмот во регионот Пелагонија и Корча преку: поставување постојана поставка во Музејот „Стерјо Спасе“ во с. Глобочани, Општина Пустец; реновирање на музејската поставка во археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис, како и овозможување пристапност за лицата со посеби потреби, до театарот и видиковецот во Хераклеја. Покрај овие активности развиен е повеќе-јазичен аудио водич за археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис, виртуелна и проширена реалност за археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис и музејот на Стерјо Спасе во Глобочани, а се промовираат и интегрирани туристички пакети со прекуграничен карактер. Во досегашниот период реализирани се работилници за размена на искуства и знаење помеѓу музејските експерти и конзерваторите од НУ „Завод и музеј“ – Битола и Директоратот за заштита на културно наследство – Корча.
На денешниот завршен настан на проектот, за придобивките од проектот и постигнатите резултати, говореа и министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, Министерот за локална самоуправа Горан Милевски, градоначалник на општина Пустец, Пали Колефски, директорот на директоратот за заштита на културно наследство од Корча, Ѓерги Коки, директорката на „НУ Завод и Музеј“ Битола, Мери Стојанова и директорот на Младинскиот културен центар од Битола, Сашо Додовски.