Општина Битола, повеќе од еден месец неможе да ги преземе податоците за состојбата со квалитет на амбиенталниот воздух од Државниот автоматски мониторинг систем. Причина за тоа е нефункционалност на мерниот инструмент во Автоматската мониторинг станица за квалитет на амбиентниот воздух Битола 2, што е во надлежност на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Со цел, следење на состојбата со квалитетот на воздухот и добивање на точни податоци за концентрацијата на PМ10/PМ 2,5 и навремено преземање дополнителни мерки општина Битола, во декември побара од министерството, информација за каков дефект на мерната станица Битола 2 станува збор и кога истата ќе биде ставена во функција.
Во одговорот од Министерството за животна средина, добиен пред два дена, не стои точен податок кога Мерната станица Битола 2, ќе биде ставена во функција.
Имајќи ја предвид состојбата со загаденоста на воздухот со која Битола се соочува повеќе од една деценија, неопходно е навремена интервенција од страна на надлежните служби при Министерството за животна средина, за да се овозможи добивање на релевантни податоци во врска со овој горлив проблем на градот.
Во интерес на транспарентно информирање на јавноста, општина Битола, го објавува барањето за добивање информација, испратено од општината и одговорот добиен од Министерството за животна средина.