Општина Битола во соработка со Преспанско пелагониската епархија, го одбележува Денот на Заштитникот на градот Свети Нектариј Битолски.
Одбележувањето започна со утринска богослужба и Света Божествената Литургија, а потоа се изврши свечена Литија со моштите на „Свети Агатангел Битолски“, а во чест на патронот и заштитник на градот Битола – Свети Нектариј Битолски.
После завршувањето на Литијата, Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски оствари средба со Митрополитот Преспанско-пелагониски господин Петар.
На средбата, Градоначалникот Коњановски, испрати празнична честитка до сите граѓани:
„Битола го одбележува Денот на заштитникот на градот Свети Нектариј Битолски.
Сега, кога се наоѓаме на крајот на една тешка година на борба со пандемијата од КОВИД 19, како и низа други случувања кои дополнително ни се испречуваат на патот на нормалното живеење, ваквото чествување е уште едно потсетување за сите нас, дека треба да продолжиме да живееме чесно, исполнети со љубов, вера и надеж.
Да правиме добро за другите, за доброто да можеме да го почувствуваме сите.
Во таа насока Општина Битола, годинава во духот на хуманоста, во одбележувањето на Денот на заштитникот на градот се вклучува со мал придонес кон подобрување на секојдневието на оние на кои тоа им е најпотребно.
Како што се вели во тропарот на Свети Нектариј Битолски, дека Битола е градот кој го воспита него, со негова заштита да си посакаме здравје за сите нас, за да можеме да продолжиме да воспитуваме здрави генерации.
Од оваа година, Општина Битола, токму како поттик за младите генерации, преку програмата за култура по повод чествувањето на Свети Нектариј Битолски, воведува награди за талентираните ученици, кои со својот неуморен труд, постојано го збогатуваат своето знаење, а за тоа имаат одредени признанија. Јавниот повик за оваа намена ќе биде објавен на почетокот на идната година, со точно утврдени критериуми за пријавување.
Целта на ваквиот пристап е да ги насочиме младите на вистинскиот пат, да ја поддржиме трудољубивоста и да дадеме придонес за наш заеднички напредок. Само преку добро образовани деца, можеме да зборуваме за добри лекари, професори, архитекти, експерти во својата област, кои ќе продолжат да ја создаваат иднината на градот во кој живееме.
НЕКА ДЕНОТ НА ЗАШТИТНИКОТ НА ГРАДОТ НЕ ЗАШТИТУВА СИТЕ НАС.
НЕКА НИ Е ЧЕСТИТ СВЕТИ НЕКТАРИЈ БИТОЛСКИ“.