ЗАБРЗУВАЊЕ НА ДИНАМИКАТА НА РАБОТА НА ЛОКАЛНАТА САМОУПРАВА И ИНВЕСТИЦИИ ЗА ЕКОНОМСКИ РАСТ

ЗАБРЗУВАЊЕ НА ДИНАМИКАТА НА РАБОТА НА ЛОКАЛНАТА САМОУПРАВА И ИНВЕСТИЦИИ ЗА ЕКОНОМСКИ РАСТ

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, на денешната средба со новинарите информираше за реализираните активности во изминатиот еден месец, како и планираното за следниот период. Економскиот развој и животната средина се приоритени области за понатамошна работа, преку отвореност и транспарентност на општината.

Изјава на градоначалникот Тони Коњановски:

Денес, после 35 дена од преземањето на градоначалничката функција, токму како што ја водев и предизборната кампања, јавно и транспарентно, преку Вас новинарите, сакам да ја информирам јавноста, за се она што го реализиравме во минатиот еден месец, за предизвиците со кои се соочивме, но и за конкретните решенија кои ги имплементираме, паралелно со планирањето на идните активности.

За да може една локална самоуправа успешно да се развива, неопходна е стратешката подготвеност на општината, со цел понатамошно успешно програмско планирање и конкретна реализација на проекти на терен.

Фактот, што последната стратегија за развој, која ја имала Општина Битола е за периодот 2014 – 2018 година и нема ниту еден нов инвеститор во изминатите четири години, говори дека претходната локална самоуправа, воопшто не го третирала прашањето на економски развој, нови инвестиции и нови работни места. Презедовме конкретни активности кои се однесуваат на ова прашање, а веќе остваривме и средби со неколку потенцијални инвеститори и верувам дека во идниот период ќе успееме да ја реализираме нашата заложба за создавање на економски силна општина за подобар животен стандард на сите граѓани.

Додека работиме на реализацијата на ваквите крупни цели, потребно беше да воведиме функционалност и едноставно да ги откочиме застанатите процеси во кои не се постапувало, иако согласно законската регулатива, постапувањето е обврска на општината. Ова посебно се однесува на предметите за легализација, од кои еден дел во општината чекаат решавање уште од 2011 година. Од вкупно доставени 17.543 барања, затекнавме нерешени 6.592 предмети. Од вкупниот број барања, во периодот до 2017 година биле решени 10.205 предмети, а во изминатите четири години само 746 предмети. Како нова локална самоуправа, со целосен ангажман на задолжените лица од општинската администрација, веќе се приближуваме до бројката од 1000 решени предмети по однос на барања за стекнување на правен статус на бесправно изграден објект. Во врска со оваа проблематика, во текот на следната недела ќе излеземе со дополнителни информации.

Покрај легализацијата, во општината имало закочени и други процеси, од кои за дел веднаш преземени конкретни мерки, а други тековно се решаваат.

За да може општината да функционира како сервис на граѓаните, сепак најважно е да биде отворена за нив, да ги слушне нивните проблеми, предлози и идеи, со цел да се спроведат потребните мерки за понатамошно делување.

Така, за надминување на проблемот на затвореност, ја отворивме општината за сите граѓани. Две недели, после моето доаѓањето, организиравме отворен ден, кој ќе биде наша пракса, најмалку четири пати годишно и во понатамошниот период. Заради КОВИД протоколите, отворениот ден беше организиран со соодветен распоред, при што се пријавија 100 граѓани, а 87 дојдоа на директна средба со градоначалникот и раководителите. Започнавме со отворена комуникација со граѓаните и постапено е во сите случаи, во кои тоа беше можно, додека дел од дадените предлози, ги предвидуваме за реализација со општинските програми кои се во изработка.

Еден голем инфраструктурен проблем и предизвик со кој се соочивме само после два дена, a е резултат на долгогодишната негрижа е и проблемот со Мостот кај Безистенот. Непостоењето на проектна документација, како и лоцираноста во централното градско подрачје, се дополнителни оптоварувања во врска со решавањето на проблемот. Сепак, најдовме ургентни решенија и во изминатиот период покрај што воведовме времен режим на сообраќај, успеавме да завршиме и голем дел од процедурите. Спроведени се потребните испитувања од страна на Градежниот факултет, добиено е потребното мислење од Управата за заштита на културното наследство и НУ Завод и Музеј, a по спроведената постапка од крајна итност склучeн е договор за „Изработка на техничка документација и Реконструкција на железен мост на р. Драгор пред м.в. Безистен“. Економскиот оператор во соработка со службите од општина Битола, кои даваат техничка поддршка, отпочна со изработка на техничка документација. Се прават напори за изготвување на документацијата во што е можно пократок временски рок, за да може истата да се достави до Министерството за транспорт и врски за добивање одобрение за градење.

Со ваквата динамика, убеден сум дека набрзо овој проблем ќе биде решен.

Покрај решавање на конкретниот проблем, за да не се повтори ваквата ситуација и на други места на коритото на реката Драгор, преземени се конкретни мерки со кои во програмата за уредување на градежно земјиште за 2022 година, предвидена е ревизија на мостовите, која не е направена 40 години.

Како дел од развојната програма 2022 -2024 внесовме и два капитални проекти, кои планираме да ги реализираме во овој мандат, а тоа се изградба на објект на противпожарна единица и изградба на спортски комплекс, кои согласно деталниот урбанистички план, предвидено е да бидат изградени на просторот на поранешната касарна. Оваа програма, беше едногласно усвоена од Советот на Општина Битола.

Со тековно решавање на проблемите кои произлегуваат од некомплетно спроведување на сите процедури, потребни за навремено завршување на инфраструктурните проекти, продолживме со континуирана реализација и завршување на отпочнатите проекти и затворање на 7 раскопани улици, врз кои почна да се работи токму во предизборието, во пресрет на зимската сезона.

Секој тековен проект, значел потреба на граѓаните и ангажман на општинската администрација, поради што истиот мора да има континуитет и завршница.

Во овие зимски услови, асфалтирањето го завршивме во должина од 2,5 километри на патот за село Трново и улицата Даме Груев, а доколку дозволат временските услови ќе биде завршена улицата Кленовец и дел од улиците Солунска и Цане Василев.

Во тек е се и градежните работи и поставувањето на мостот на реката Курделес во населбата Довлеџик, каде поради ненавремено постапување од страна на претходната локална самоуправа, се појави застој предизвикан од постоечки подземни инсталации кои треба да бидат дислоцирани. Веќе се работи на решавање и на овој проблем, со цел оваа сезона да биде завршен делот кај мостот, а со новата градежна сезона да може непречено да се заврши и асфалтирањето на улицата.

Покрај завршување на отпочнатите проекти, со новата програма за следната градежна сезона планираме изградба и реконструкција на патна мрежа во должина од приближно 14 километри, со што ќе биде направена инфраструктурата на 19 улици во урбаниот дел, како и на локални патишта во 4 рурални места.

Согласно принципот за транспарентност во работењето, на општинската веб страна објавен е предлог буџетот за 2022 година, каде според приоритетите кои произлегуваат од потребите и барањата на граѓаните во урбаниот и руралниот дел, ставаме силен акцент на реализацијата на програмата за економски развој.

Кон крајот на месецот, предлог буџетот и програмите за работа, ќе бидат доставени и на разгледување од страна на комисиите од соодветните области, по што ќе бидат дадени на усвојување од страна на советниците од Советот на општина Битола.

Вкупниот предлог буџет за 2022 година изнесува 2 077 567 957 денари, а основниот буџет е 1 013 147 288 денари. Вкупната програма за економски развој изнесува 48 128 224 денари, а програмата за животна средина е 10.000.000 денари, односно за 6.300.000 денари, повеќе во споредба со програмата за 2021 година.

Освен економскиот развој на општината и реализацијата на програмата за комунални дејности и уредување на градежно земјиште, со предлог буџетот планираме и вложувања во реализација на проекти за  подобрување на состојбата со животната средина, услугите за граѓаните, образованието, социјалната заштита, спортот, културата и другите области во надлежност на локалната самоуправа.

Како градоначалник, како што ветив и претходно, продолжувам да работам во соработка со општинската адмиистрација и Советот на општината, вклучувајќи ги сите граѓани по принцип на неселективност, без привилегираност или обесправеност, со еднаков аршин и пристап при решавање на секој предизвик, бидејќи сметам дека само тој е вистинскиот начин на работа во интерес на граѓаните.