Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, заедно со градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, извршија увид во двете јавни установи детски градинки во Битола.
Тие ја посетија градинката „Росица“, во населбата Буковски Ливади, која е во состав на градинката „Естреја Овадија Мара“, каде комплетно е оспособена и опремена уште една училница, која од септември дополнително ќе згрижува нови 20 деца според актуелните протоколи. Изминатите две и пол години, отворени се 4 нови занимални во рамките на градинките „Естреја Овадија Мара“, како и градинката во Кравари, која има две занимални, со што дополнително се овозможени услови за згрижување на нови 120 деца, по ковид стандарди.
Шахпаска и Петровска направија и увид во градежните работи на новата детска градинка која е во склоп на градинката „Мајски цвет“.
„Новата градинка се гради на површина од 810 метри квадратни во населбата „Димче Лахчански“ и со нејзиното функционирање капацитетот за сместување на деца во градинките ќе се зголеми за 149 деца. Тие ќе бидат сместени во 8 воспитни групи.Министерството за труд и социјална политика и Општината Битола за оваа детска градинка потпишаа договор за Грант за изградба и опремување на градинката во износ од 56.650.000 денари.Овде како и во сите други градинки, дечињата се стекнуваат со предучилишно образование и воспитување, кое е толку потребно за понатамошниот образовен процес. Среќна и задоволна сум кога се отвораат нови градинки бидејќи од ден на ден го намалуваме бројот на деца кои чекаат за прием во постојните детски установи. Нашето ветување како Влада и како Министерство, е да го зголемиме опфатот на децата до 60 проценти од предучилишна возраст“, рече министерката Шахпаска.
Градоначалничката Петровска ги посочи инвестициите во битолските градинки во изминатите 4 години.
„За мене и како градоначалник и како педагог и како родител, она што беше најважно е грижата за децата, создавањето на подобри услови за нивно згрижување, воспитување и образување. Како локална самоуправа со сите здрави политики кои што ги водиме, јасно поддржани од централната власт, навистина се грижиме за граѓаните, особено за младите генерации. Покажавме дека умееме, знаеме, да ги подобриме условите во образовните и згрижувачки институции. Само во градинките во Општина Битола во мојот 4 годишен мандат се вложени над 580.000 евра, со што значително се подобрени условите во нив. Она што ме радува е изградбата на новите две детски градинки, за кои што Општина Битола со децении наназад немала можност да ги има. Се надевам дека овие здрави политики ќе продолжат и во иднина и навистина ќе имаме добробит за сите нас“, истакна Петровска.
Претходно, министерката Шахпаска и градоначалничката Петровска остварија средба во градоначалничкиот кабинет.