Општина Битола е дел од Напредна меѓународна програма за обука за пристап заснован на човекови права 2021-2022, која ја спроведува Меѓународниот центар за локална демократија (ICLD), а е финансирана од Сида (Шведската агенција за меѓународна соработка и развој). Во проектот, општината учествува со свој тим задолжен за негова имплементација, кој е во времетрање од 18 месеци.
Учесниците во проектот од шест држави – Шведска, Албанија, Грузија, Турција, Украина, вклучувајќи ја и нашата општина, која е единствен претставник од државата, ја посетија Општина Битола. Градоначалничката Наташа Петровска ги поздрави учесниците и презентираше дел од проектите кои Општина Битола ги реализираше во насока на постигнатото на општината во полето на обезбедување на услови за лицата со попреченост. Преку програмата за социјална заштита за 2021 година, Петровска истакна дека за прв пат општината има јавен повик за искористување на средства за адаптација, изградба или поставување на инфраструктура и опрема за физичка пристапност во домот на лица со попреченост. Општината обезбеди лифт за влез во општинската зграда и изврши целосна санација и адаптација на тоалет наменет за лицата со потешкотии во мобилноста и пристапна патека во салата на Советот на Општина Битола. Општината инвестираше и во пристапност до Дневниот центар за лица со телесна и интелектуална попреченост.
Симона Јовеска, како претставник во тимот од Општина Битола, ги презентираше придобивките од реализацијата на проектот. Проектот се состои од две компоненти: првата значи поттикнување на граѓаните за активно учество во предлози и одлуки за носење позитивни акции, а втората за поттикнување на здруженијата на граѓани за да станат лиценцирани сервис провајдери.