Во Битола денес е отворен центар за јавни услуги „Една точка за услуги”, проект на Министерството за информатичко општество и администрација чија цел е на едно место да се соединат услугите на државните институции и да се поедностави пристапот на граѓаните до овие услуги. На отворањето присуствуваа министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, заменик градоначалничката Емилија Костурски и директорката на Државниот испитен центар Елизабета Наумовска.
„Ми претставува огромна чест и задоволство што денес, заедно со градоначалничката и заменик градоначалничката, го завршуваме овој проект на МИОА. Ние како министерство сме посветени да работиме што повеќе целосни дигитални услуги кои граѓаните ќе ги добијат. Во „Една точка за услуги“, граѓаните ќе можат да добијат 64 дигитални услуги, како што сега со градоначалничката извадовме потврда за стаж. Услугите ни се поврзани и со други министерства и институции, а јас како министер ќе настојувам да се зголеми тој број. Секојдневно ќе продолжиме да работиме и да ги надоградуваме услугите за граѓаните“, рече министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири.
Градоначалничката на Опшина Битола Наташа Петровска истакна дека оваа услуга не носи зголемување на цените кон граѓаните, односно цените на услугите се исти како и во соодветните институции, а дел од услугите се и бесплатни.
„Поводот е навистина значаен за олеснување на услугите кон граѓаните во добивање на низа документи. Денешниот настан во кој локалните самоуправи можат да се вклучат интероперативно во овие системи и да ги олеснат и совите постапки на делување, но да го олеснат и пристапот на граѓаните. Ова потврдува дека станува збор за едно време во кое што оваа држава со оваа власт и овие политики прави сериозен исчекор во дигитлизацијата за услуги кон граѓаните и во насока на препознатливост во светски рамки како треба да функционира едно општество“, рече градоначалничката Наташа Петровска.
64-те услуги се дел од ресорите на Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Управата за јавни приходи, Агенцијата за катастар на недвижности, Агенцијата за вработување, Министерството за труд и социјална политика, Централниот регистар, Фондот за здравствено осигурување, Управата за водење матични книги, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Претходно во кабинетот на градоначалничката Петровска, на средбата со министерот Шаќири се водеше плодна дискусија во однос на јакнење на капацитетите на административниот апарат, законските одредби кои што во иднина треба да обезбедат подобри услови за граѓаните, како и за начинот на реализација на одредени заеднички проекти.