ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ПЕТРОВСКА УЧЕСНИК НА ГЕНЕРАЛНОТО СОБРАНИЕ НА НАЛАС

ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ПЕТРОВСКА УЧЕСНИК НА ГЕНЕРАЛНОТО СОБРАНИЕ НА НАЛАС

На 16-тото Генерално собрание на Мрежата на асоцијации на локални самоуправи од Југоисточна Европа (НАЛАС) кое од 12-14 април се одржа во главниот град на Молдавија, Кишињев, свое обраќање имаше градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

На Вториот форум на жени-градоначалнички во Југоисточна Европа, на тема „Инклузивен локален економски развој“  единствен говорник од Република Северна Македонија беше градоначалничката Петровска, која во своето излагање се осврна на влијанието на пандемијата врз работните обврски на жените, како и помошта, која Општина Битола ја дава при одредени реализации на програми за вработување. Таа посочи неколку практични примери, преку кои со поддршка на општината е овозможено жените да отворат сопствен бизнис, да креираат идеи и да ги реализираат во насока на сопствена егзистенција.

„Во Македонија од 10 најпогодени сектори и според падот на невработеност и според падот на плати, само во 2 сектора жените се над 50%.  Иако најпогодените сектори се доминантно машки, отпуштањата од работа во земјата генерално се покажаа побројни кај жените“, рече Петровска.

Преку анкетирањата кои што беа дел од овој форум, учесниците ги искажаа своите ставови и мислења по одредени прашања поврзани со влијанието на кризата врз активностите на жените во општеството.

На форумот со свои дискусии учествуваа и градоначалнички од Словенија, Романија, Молдавија, а свое обраќање имаа и претседателката на НАЛАС Татјана Бадан, како и Ермира Лубани од Регионалната канцеларија на UN WOMEN.