НОВИ ВОЗИЛА ЗА СОБИРАЊЕ НА ОТПАД ВО ФУНКЦИЈА НА ПОЧИСТА БИТОЛА

НОВИ ВОЗИЛА ЗА СОБИРАЊЕ НА ОТПАД ВО ФУНКЦИЈА НА ПОЧИСТА БИТОЛА

ЈП „Комуналец“ го збогати возниот парк со две нови возила за собирање на отпад, кои ќе помогнат во тековното извршување на работните активности во делот на комуналната хигиена. Градоначалничката Наташа Петровска и директорот на ЈП „Комуналец“ Панде Богоевски при промовирањето на возилата, го истакнаа значењето на осовременување на возниот парк на ова јавно претпријатие, за подобри услуги кон граѓаните.

„Двете нови возила чинат околу 15.000.000 денари. Во изминатиот период од 3 години и 4 месеци, вкупно се вложени над 59.000.000 денари за мултифункционални трактори, специјализирани возила и механизација, која што е потребна за работа на ЈП Комуналец. Сето ова покажува дека и јавните претпријатија, како и општината, се во исклучително стабилна состојба, како би можеле да ги подобруваат условите за работа, а воедно да овозможуваат поубава и побрза услуга кон граѓаните.Она што го планираме за следниот период, согласно нашите политики кои што ги водиме, е да имаме набавка и на помали возила за собирање на отпад, кои ќе одговараат на спецификите на градот и потесните улици и така да обезбедиме услуга и за тие жители На овој начин се обезбедува поквалитетна услуга и дополнително се прави финансиска заштеда, затоа што е помал трошокот за нови возила, наспроти одржувањето на застарените возила“, посочи градоначалничката Петровска.

Поддршката од Општина Битола и градоначалничата Петровска беше клучна за реализација на овој проект. Во делот на комуналната хигиена, постојано се врши надградба на капацитетите за складирање и собирање на отпадот, истакна директорот на ЈП „Комуналец“.

„Во делот на Комунална хигиена веќе се набавени два нови големи камиони за ѓубре од по 14 кубни метри, 100 нови контејнери се веќе пристигнати, уште 70 се очекува да пристигнат деновиве, по што ќе се врши замена на постојни со нови. Овие зафати продолжуваат и кон нови реони за подигање на отпад и во рурални средини. Разговаравме со жителите на Меџитлија, Цапари, Ротино, Доленци, Егри, а следува и Поешево, со што се проширува организираниот систем на подигнување на отпадот на територијата на цела општина. Иако имаше скептицизам за подземните контејнери за отпад, најавуваме дека истите ќе се поставуваат веќе во април на ул. „Васко Карангелевски“, рече Богоевски.