НЕЗАБОРАВ ЗАЧУВАН ВО КНИГАТА  „ПОСЛЕДНИОТ АЛБУМ, ЧУВАР НА СПОМЕНИТЕ НА ЕВРЕЈСКАТА ВЕРСКА ОПШТИНА ВО БИТОЛА“

НЕЗАБОРАВ ЗАЧУВАН ВО КНИГАТА „ПОСЛЕДНИОТ АЛБУМ, ЧУВАР НА СПОМЕНИТЕ НА ЕВРЕЈСКАТА ВЕРСКА ОПШТИНА ВО БИТОЛА“

„Битола во себе крие многу спомени. Некои нè развеселуваат, но некои нè прават тажни. Постојат два аспекти како да се навраќаме на нив и се суштински за веродостојно зачувување на она што се случувало. Едниот е овој, како издавањето на оваа монографија, која што е научно заснована и се потпира на документи, факти, кои што ја кажуваат вистината на она што се случувало. Токму поради научната основа и тоа што се потпира на архивски документи, за мене е посебно значајна. Другиот аспект е на живите луѓе, кои што сведочат за она што се случувало и се дел, или биле дел од нашите живот. Во оваа прилика, ќе кажам еден сегмент, кој потврдува дека она што се случило во Битола со Евреите, оставило длабоки врз тогашните битолчани. Мојот свекор имал 9 години кога биле депортирани Евреите од Битола и седел на работ од една улица, гледајќи како во колоната од луѓе кои што заминуваат, се наоѓаат и неговите другарчиња. Едноставно, солзите во неговите очи, само му укажувале дека станува збор за нешто што ќе носи последици, повеќе никогаш да не ги види своите другарчиња, без како 9 годишно дете да ги знае причините зошто тоа се случувало. Ваквите сведоштва и чување на спомените, можат да ни дадат добробит во денешницава, како треба доброто од минатото да го користиме, повторуваме и правиме во сегашноста, а она што значело зло никогаш повеќе да не се повтори“, рече градоначалничката Наташа Петровска, на денешната промоција на монографијата „Последниот албум, чувар на спомените на Еврејската верска општина во Битола“.

Промоцијата на монографијата „Последниот албум, чувар на спомените на Еврејската верска општина во Битола“ чиј организатор е Општина Битола, се одржа во Заводот и музеј, кој што е поддржувач на овој настан. На промоцијата говореа авторот д-р Александар Манојловски и промоторот Мишо Китановски.

„Монографијата е резултат на моето повеќе годишно научно истражување во архивите во земјава, но и во претходна Југославија, како и во Софија. Особена чест ми е што општината ја прифати мојата понуда да се одржи промоцијата токму во Битола, каде што еврејската заедница опстојувала со векови. За жал, сето тоа згаснува по Втората светска војна, но постои Македонската еврејска заедница, која е грижи да се сочуваат и одржуваат настаните поврзани со нив. Монографијата нуди многу нешта, 350 страници научен текст со над 400 фотографии од опусот на браќата Манаки. Недостигот на одредени документи поврзани со историјата на еврејската заедница ме мотивираше за создавањето на ова дело, конкретно за време на окупацијата и депортацијата. Сакам од моја страна да излезе историската виделина на површина и да биде достапна до јавноста“, истакна авторот д-р Александар Манојловски.

Промоцијата беше збогатена и со изложбата „Сведоштво на битолските Евреи низ фотографското творештво на браќата Манаки“, која содржи фотографии, кои се составен дел од монографијата. Изложбата во организација на Еврејската заедница ќе биде достапна за посетителите во Заводот и музеј до петок, 12 март.