На Влашките гробишта во Битола, денес беа одбележани 57 години од смртта на Милтон Манаки, еден од двајцата браќа кои беа првите сниматели на Балканот. Поради состојбата со КОВИД-19, скромно, но сепак со цел да се даде значење на делото на Милтон Манаки, свежо цвеќе на неговиот гроб положија градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска, претставници на Комуната на Власите „Браќа Манаки“ и кино клубот „Студио Милтон Манаки“.
„Милтон Манаки неспорно остави длабок траг со своето дело во нашата општина. На ваков начин се сеќаваме на него, оддаваме почит на неговите дела и неговата вредност. Нека му е вечна слава“, рече градоначалничката Петровска.
„На денешен ден пред 57 години се упокои нашиот заслужен културен деец, еден од браќата Манаки, Милтон Манаки. Нека му е вечен споменот и заслугата на нивните дела кои оставија трајна вредност за нашиот град“, посочи Стефче Хаџиантоновски, претседател на кино клубот „Студио Милтон Манаки“.