РЕАЛИЗАЦИЈА НА БИТОЛА СТАРТ АП ЦЕНТАР

РЕАЛИЗАЦИЈА НА БИТОЛА СТАРТ АП ЦЕНТАР

Битола Стартап е првото локално партнерство за вработување кое се спроведува во рамките на проектот на Меѓународната организација на трудот, Зајакнување на социјалниот дијалог, со финасиска поддршка од Европска унија. Општина Битола е единствена општина, избрана помеѓу 12 апликации од различни општини, која го имплементира овој пилот проект во Република Северна Македонија

Локалното партнерство за вработување се појавува точно во клучен момент кога на Битола и е потребно раздвижување на економијата и поттикнување на можностите за вработување. Во ситуација во која што се наоѓаме, соочени со сите предизвици предизвикани од Ковид 19, оваа заедничка иницијатива е уште позначајна бидејќи вклучува соработка на јавни институции, приватен сектор и невладини организации и покажува воља и соработка на локално ниво за решавање на клучни прашања.

Под водство на Локално економскиот Совет во општината, партнерите (Општина Битола, Младински културен центар-Битола; Фондација за одржлив економски развој ПРЕДА плус; Техничкото училиште „Ѓорѓи Наумов“; Регионална Комора Битола; Агенција за вработување Битола; Интерворкс Едукативен Центар – Битола; Универзитет “ Св. Климент Охридски“) ќе  спроведат активности за поголема вработливост во Пелагонискиот Регион, промовирање на екосистем за стартапи и поддршка на претприемништвото.

„Битола старт-ап поттикнува иницијативност младите луѓе да останат во својата држава. Проблемот на одлив да го намалиме, проблем кој не е само локален, туку е навистина поширок и е евидентен. Затоа Општина Битола, со огромна поддршка стои зад оваа иницијатива која ќе докаже дека И од Битола се може“ рече градоначалничката Наташа Петровска.

„Општина Битола навистина заслужено го доби овој проект кој е пример за партнерство. Важно е да се истакне дека ниту една политика не може успешно да се имплементира доколку во неа не се вклучат сите засегнати страни, односно доколку не постои дијалог. Дијалогот е најсоодветна алатка за изнаоѓање на вистински решенија. Тоа тука го имаме. Потребите на локалниот пазар на вработливост го знаат луѓето од регионот за кој зборуваме, затоа вакви практики ќе успеат“ истакна Енвер Хусејин, заменик Министер за труд и социјална политика

„Кога зборуваме за проблемите на младите во Република Северна Македонија мислиме на немање на можности. Исто така кога мислам на проблемите на младите, не мислам само на Скопје, туку за младите на територијата на целата земја. Младите тука преферираат работа во јавниот сектор, што е спротивно на генералната тенденција, кога се луѓето млади тие се креативни, имаат идеи и треба да се впуштат во поинакви води на првите вработувања, собирање на искуства и создавање на лични почетоци“, истакна Никола Бертолини – Раководител на секторот за соработка во Делегацијата на Европска Унија во Република Северна Македонија.

Пред присутните се обратија и претставници на останатите партнери во Битола Старт ап центарот: Наташа Симјановска – проектна координаторка на Меѓународната организација на трудот со седиште во Скопје, Лидија Ангелова- проектна координаторка на Преда Плус, Сашо Коруновски – Ректор на универзитетот Св Климент Охридски Битола и Сашо Додовски- Директор на МКЦ-Битола.