Често поставувани прашања

Често поставувани прашања

  1. Дали може да аплицирам за субвенции со друг вид еколошко греење?

Не, предмет на субвенционирање се исклучиво високоефикасни инвертер клима уреди, кои ги задоволуваат следните мининмални технички карактеристики: работна температура за греење од минимум -15 целзиусови степени, енергетска класа на ладење минумум А, енергетска класа на греење минимум А, коефициент на ефикасност SEER миниум 6.0 и SCOP минимум 3.5.

  1. Колку барања за субвенција може да се поднесат?

Едно лице – носител на домаќинство може да поднесе само едно барање за субвенција, при што барањето може да се однесува за еден или повеќе клима уреди, но барателот мора да ги исполни условите од правилникот и јавниот повик за сите уреди. Доколку едно исто лице поднесе ново барање, неговото претходно поднесено барање се поништува и се брише, а за важечко ќе се смета барањето кое што ќе биде поднесено последно, со тоа што дозволено е аплицирање од еден ист барател најмногу до три пати, по што неговиот матичен број ќе биде блокиран и повеќе нема да може да аплицира.

  1. Од кој треба да биде поднесено барањето?

Барањето го поднесува носителот на домаќинството, при што за носител на домаќинството се смета сопственикот на станбениот простор во кој живее домаќинството, за што како доказ треба да се достави имотен лист за станбениот простор кој гласи на име на барателот.

Доколку барателот има правен основ за сопственост на станбениот простор кој не е запишан во катастарот на недвижности, тогаш покрај имотниот лист за станбениот простор треба да го достави и правниот основ за сопственоста (оставинско решение, судска пресуда, договор за купопродажба/подарок/доживотна издршка или друг правен основ).

Доколку за станбениот простор нема имотен лист, ниту правен основ за сопственост (објект со незапишани права или бесправно изграден објект), тогаш сопственоста се докажува со решение за данок на имот или друг соодветен доказ на име на барателот (потврда за поднесено барање за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект или друго).

Доколку посебно домаќинство живее во посебен функционален дел од еден ист станбен објект или во друг објект кој е во сопственост на друго лице, носителот на посебното домаќинство може да аплицира самостојно и независно од сопственикот на станбениот простор, при што покрај имотниот лист за станбениот простор треба да достави и последна сметка за струја или вода на име на барателот или изјава заверена на нотар од сопственикот на станбениот простор со која тој ќе потврди дека барателот е носител на посебно домаќинство и живее одделно во станбениот простор за кој аплицира.

Доколку станбениот простор се води на двајца или повеќе сопственици, барање може да поднесе сопственикот на чие име стигнуваат сметките за струја или вода, за што како доказ, покрај имотниот лист треба да се достави и последна сметка за струја или вода или изјава заверена на нотар со која ќе потврди дека во предметниот станбен простор живее тој како носител на домаќинство.

  1. Кој е максималниот износ на субвенција и за што може да се искористи?

Максималниот износ на субвенцијата изнесува 55.800,00 денари во нето износ и истиот може да се искористи за надоместување на трошоците за набавка и монтажа на еден или повеќе високоефикасни клима уреди. Доколку трошоците за набавка и монтажа се повисоки од 55.800,00 денари, разликата над износот од 55.800,00 денари останува на трошок на барателот. Данокот на личен доход на субвенционираниот износ ќе биде платен од страна на Општина Битола при исплатата на субвенцијата. Доколку се аплицира со профактура, максималниот износ на профактурата не смее да го надмине износот од 55.800,00 денари со пресметан ДДВ.

  1. Дали може на јавниот повик да учествуваат и правни лица?

Не, право на учество на јавниот повик имаат само физички лица, жители на Општина Битола, кои се носители на нивните домаќинства.

  1. Дали може да аплицирам доколку живеам на адреса надвор од утврдените зони и како да дознаам дали мојата адреса спаѓа во утврдените зони?

Право на учество на јавниот повик имаат сите жители на Општина Битола кои се носители на нивните домаќинства, со тоа што првенство при распределувањето на средствата за субвенција ќе имаат барателите кои имаат живеалиште во една од утврдените зони.

Информативната мапа со областите на утврдените зони е достапна на следниот линк:

www.google.com/maps/d/viewer?mid=1Cqjf2pbiyNiIdi7FzpMfECfGq4MDMwat&ll=41.02920255992466%2C21.331915882073677&z=14

Во самата апликација, улиците од утврдените зони се достапни за избор од дефинираната листа, а доколку улицата ја нема во листата или доколку улицата ја има во листата, а апликацијата не го прифаќа уличниот број, тоа значи дека адресата е надвор од утврдените зони и во тој случај треба да се штиклира полето за аплицирање надвор од утврдените зони, по што адресата се внесува слободно, без избор од листа.

  1. Дали може да аплицирам за клима уред на адреса различна од адресата на живеење наведена во мојата личната карта?

Набавениот клима уред треба да биде монтиран на адресата на живеење наведена во личната карта на барателот. Доколку барателот има живеалиште на адреса различна од адресата на живеење наведена во неговата лична карта, треба да достави изјава заверена на нотар со која ќе потврди дека живее на адресата за која аплицира и дека ќе ја пријави промената на адресата на живеење во Министерството за внатрешни работи, Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните. Доколку барателот има поднесено барање и е во постапка за промена на адресата на живеење, доволно е да го достави таквото барање и во тој случај нема потреба да се доставува изјава заверена на нотар.

  1. Дали може да аплицирам за станбен простор што е во фаза на изградба?

Целта на јавниот повик е домаќинствата во Општина Битола да ги заменат печките на тврди и фосилни горива кои што ги користат за затоплување на станбениот простор во кој што живеат. Доколку станбениот објект е во фаза на изградба, тоа значи дека таму не се врши замена на претходно користени печки на тврди или фосилни горива и затоа не се предмет на субвенционира инвертер клими уреди што се набавуваат и монтираат во објекти кои што се во изградба.

  1. Дали може да аплицирам за станбен простор за кој имам склучено преддоговор за купопродажба?

Доколку барателот на субвенција има правен основ за сопственост на станбениот простор кој не е запишан во катастарот на недвижности, тогаш покрај имотниот лист за станбениот простор треба да се достави и правниот основ за промената на сопственоста (оставинско решение, судска пресуда, договор за купопродажба, подарок, доживотна издршка или друг правен основ). Преддоговорот за купопродажба не претставува правен основ за промена на сопственоста, туку само главниот договор за купопродажба, кој задолжително треба да биде склучен во пропишана форма согласно закон.

  1. Дали може да аплицирам со фискална сметка, фактура или профактура за набавка и монтажа на инвертер клима уред со датум пред објавувањето на јавниот повик?

Не се прифаќаат и нема да се субвенционираат фискални сметки, фактури или профактури издадени пред денот на објавувањето на јавниот повик.

  1. Каков е начинот на субвенционирање со профактура?

Доколку барателот има започнато постапка за набавка на клима уред, но истиот го нема платено, може да аплицира со профактура издадена од продавачот, која задолжително треба да содржи податоци за барателот (име и презиме, адреса и др.) и за клима уредот што се набавува (марка, тип и др.). Профактурата не смее да биде со повисок износ од 55.800,00 денари со пресметан ДДВ, во спротивно барањето за субвенционирање ќе биде одбиено.

Откако ќе се утврди дека ги исполнува условите и дека е на листата за субвенционирање, Општина Битола ќе побара од барателот во определен рок да достави фактура за клима уредот врз основа на профактурата со која што аплицирал, по што износот на фактурата до максималниот износ од 55.800,00 денари ќе биде исплатен кон продавачот на клима уредот кој што ја издал фактурата. Доколку не ја достави фактурата во определениот, барателот го губи правото на субвенционирање и Општина Битола нема да има обврска за исплата на средствата.

  1. Што ако ги немам сите документи?

Сите документи во јавниот повик се задолжителни при поднесување на барањето. Во случај на неуредна и некомплетна документација, Комисијата веднаш по нивното разгледување го отфрла барањето како некомплетно или неуредно и ги известува барателите по електронски пат.

Барателите кои доставиле некомплетни или неуредни апликации, имаат право повторно да поднесат барање додека трае јавниот повик, со тоа што дозволено е аплицирање од еден ист барател најмногу до три пати, по што неговиот матичен број ќе биде блокиран и повеќе нема да може да аплицира.

  1. Дали може да аплицирам со имотен лист издаден во електронска форма?

Со оглед дека аплицирањето по јавниот повик е во електронска форма, имотниот лист може да биде доставен во електронска форма, електронски потпишан со валиден дигитален сертификат.

  1. Каде треба да ја предадам старата печка?

Местата и времето за предавање на старите печки ќе бидат дополнително определени, поделени по реони, а за тоа граѓаните ќе бидат известени на интернет страницата на Општина Битола: www.bitola.gov.mk.

Доколку не биде предадена старата печка, се губи правото на субвенционирање и искористените средства се враќаат во Буџетот на Општина Битола.

  1. Дали доколку старата печка е вградена има можност за пломбирање на оџакот, без да се предава печката?

Согласно јавниот повик, добитниците на субвенција ќе имаат обврска да ги предадат старите печки кои што ги користеле за затоплување на станбениот простор за каде што се набавува и монтира клима уредот. Остранувањето на печките од инсталациите на оџаците е обврска и на товар на добитниците на субвенција.

  1. Дали ќе има теренски увид кај барателите?

Комисијата има право да изврши теренски увид кај баратели кои имаат доставено уредна и комплетна документација за да утврди дека ги исполнуваат условите од јавниот повик, а барателот треба да овозможи пристап до станбениот простор во кој живее.

Кај добитниците на субвенција, Општина Битола има право да врши контроли во период од три години дали клима уредот е монтиран во станбениот простор и дали станбениот простор се затоплува со огревни дрва и друг вид на нееколошки горива. Доколку се утврди неправилност, корисникот на субвенцијата ќе биде должен да го врати искористениот износ на субвенција во Буџетот на Општина Битола.

  1. До кога трае аплицирањето јавниот повик?

Аплицирањето по јавниот повик ќе трае од 18.09.2020 година во 08:00 часот до 02.10.2020 година во 16:00 часот.

  1. Што треба да се направи доколку е успешно испратено барањето, а нема пристигнато потврда на адресата за електронска пошта наведена во барањето?

Секое успешно поднесено барање е евидентирано, без разлика дали е на барателот му има пристигнато порака со потврда на адресата за електронска пошта. Сите баратели можат да извршат преглед и провека во своите барања и приложените документи на следниот линк: https://btsubvencii.mk/CheckRequest.aspx.

  1. Зошто во барањето што се генерира и се испраќа на адресата за електронска пошта со потврдата за успешно поднесено барање не е наведено дека е доставен имотен лист и други документи?

Во барањето што се генерира и се испраќа на адресата за електронска пошта со потврдата за успешно поднесено барање се наведени само документите кои што се заеднички и задолжителни за сите баратели: 1) скенирана лична карта, 2) скенирана трансакциона сметка и 3) скенирана оригинал фискална сметка или фактура и извод од деловна банка или профактура. Другите документи се различни кај различни баратели и затоа не се наведени во образецот на барањето. Сите баратели можат да проверат кои документи ги имаат прикачено со нивното барање на следниот линк: https://btsubvencii.mk/CheckRequest.aspx.